Министерката за образование и наука Рената Дескоска во поздравното обраќање пред учесниците на собирот истакна дека идната соработка на младите луѓе преку оваа регионална мрежа е во линија на севкупните напори и заложби на државите од регионот во креирањето подобра иднина за младите луѓе од Западниот Балкан.
Забележа дека иницијативите за формирање независни национални студентски организации ги инспирират и министрите, професорите, универзитетите да формираат слични организации и асоцијации што ќеработат на унапредување на меѓусебната соработка.
„Студирањето во странство нуди извонредни можности за лично збогатување и професионално надградување, овозможува формирање нови пријателства, отвара нови перспективи. Размената на знаења и искуства меѓу народите не збогатува сите нас. По враќањето дома младите луѓе носат нови знаења, пристапи и вештини насочени кон подобрување на сите области на општеството, од науката преку бизнисот до јавната администрација. Уште повеќе, младите луѓе кои се стекнуваат со постдипломски знаења на некои други универзитети активно придонесуваат во развојот на образовниот процес во своите матични држави“, рече таа.
Дескоска рече дека и таа како млад студент имала можност дел од своето образование да го надгради во странство, посочувајќи го како искуство што оставило важен белег во нејзиниот иден професионалнен ангажман.
„ Вие сте оние кои преку соработка ќе го менувате светот кон подобра, посветла иднина, како за државите од каде доаѓате така и за регионот. Тимската работа го гради карактерот, Ве охрабрувам да бидете храбри но и реални дека иднината би припаѓа вам и вашите идеи ќе бидат насоките што ќе ни помогнат во мапирањето на патеката што води кон модерно и современо образование“, истакна Дескоска.
Антоанета Ангелова – Крастева од Генералниот директорат за образование, наука, млади и спорт на Европската комисија истакна дека состанокот во Охрид се одржува во мошне важен момент, во смисла на неодамна усвоената нова Стратегија на Европската комисија за Западниот Балкан што ги отвори европските перспективи за целиот регион.
„Јасно определените европерспективи на регионот е инвестиција во силна и обединета Европа втемелена врз заеднички вредности. Но за тоа да се оствари, неопходно е исполнување на високите критериуми и севкупен напредок на државите од Западен Балкан, проследено со темелни реформи во областа на политиката, стопанството и општеството како целина. Образованието е можеби најважниот сегмент на секоја добро осмислена реформа оттаму што без соодветно образование и знаење, без компетентни професори и образовани граѓани нашите општества нема напредок во општеството“, нагласи Ангелова – Крастеваа.
Покрај учеството во образовните програми „Еразмус плус“, „Марија Склодовска Кири“ финансирани од ЕУ, државите од Западен Балкан ќе имаат можност да бидат дел од повеќе идни иницијативи за унапредување на меѓусебната соработката што ќе ги спроведе Европската комисија, како што се претстојната Европска недела на спортот во септември, како и таканаречената „ЕУ-Западен Балкан рута на културно наследство“ во чии рамки ќе се одржат серија настани насочени кон прославување на културните различности во сето свое богатство.
„Тоа се важни иницијативи оттаму што промовираат заеднички европски вредности и помагаат во креирањето силен европски иденититет. Преку вклучување на државите од Западниот Балкан во нив придонесуваме во унапредување на сорабоката меѓу европските партнери и овозможуваме непосредни, лични контакти“, рече таа.
Учесниците на собирот во Охрид изразија уверување дека претставниците на државните институции, образовните установи, научната јавност, бизнис-заедницата на државите од регионот ќе го препознаат бенефитот од квалитетното образование и ќе ги поддржат студентите и младите луѓе во нивните иницијативи за заеднички активности во иднина.