Дескоска: Одговорност за сторените кривични дела мора да постои

Таа очекува дека СЈО заедно со јавниот обвинител на РМ ќе разговараат за начинот на продолжување на постапките, без оглед дали ќе одлучат дали да ги продолжи СЈО или ќе одлучат да ги продложи Обвинителството за организиран криминал.

Ниту еден криминал не смее да остане неказнет, не смее да се бараат процедурални причини за вакво или такво постапување со цел да се избегне одговорноста. Одговорност за сторените кривични дела мора да постои и очекувам дека Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење, без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став – кој ќе го продолжи гонењето.

Ова го истакна министерката за правда Рената Дескоска одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната одлука на Врховниот суд за Специјалното Јавно обвинителство пред почетокот на  настанот за „Зајакнување на влијанието на граѓанското општество за ефективни реформи во правниот сектор“ во ЕУ Инфоцентарот во Скопје.

Сведоци сме, посочи Дескоска, дека од самото формирање на Специјалното јавно обвинителство постојано имаше обиди за опструкција на неговата работа.

– Во делот на вчерашната одлука на Врховниот суд, јас од позиција на министер за правда не би требало да ја коментирам, но јавно сакам да поставам неколку прашања со цел да се расчисти правната ситуација во која е донесена таа одлука – вели Дескоска.

Прво согласно закон, како што посочи таа, на сите ни е познато дека Врховниот суд може да утврдува начелни мислења и ставови доколу има разлика во пракса меѓу различни судови или различно постапување.

  • Во овој случај единствен суд што постапува во моментот по постапките на СЈО е Основниот суд Скопје 1. Значи немаме несогласување на праксата на Основниот суд Скопје 1 со некој друг суд затоа што друг суд не постапува. Исто така во рамките на самиот Кривичен суд немаме различно постапување од два, три или неколку совети да кажеме дека се воедначува судската пракса – појасни министерката за правда..

Нејзино очекување, како што рече, е дека денеска СЈО заедно со јавниот обвинител на РМ ќе разговараат за начинот на продолжување на постапките, без оглед дали ќе одлучат дали да ги продолжи СЈО или ќе одлучат да ги продложи Обвинителството за организиран криминал.

На прашање што значи ваквата одлука на Врховниот суд во пракса и дали некако ќе влијае врз новото законско решение што Министерството за правда го подготвува за СЈО, Дескоска одговори дека ова се начелни мислења што не ги обврзуваат јавните обвинители и тие можат да продолжат и понатаму со досегашното работење.

-Значи не ги обврзуваат. Но, можат да ги земат во предвид и судиите од другите судови, освен од Врховниот суд. Нема задолжителност, но тоа е еден вид став и мислење за кое тие ќе одлучат, рече таа.

Министерката за правда рече дека за прашањата што со предметите што се отворени после 30 јуни 2017 година и дали тие предмети ќе ги продолжи СЈО, односно дали ќе ги користи прислушкуваните материјали, се разговарало во работните групи во меѓупартиските комуникации.

– Целта на Министерството за правда е  решение што ќе значи продолжување на судските постапки доколку постои криминал. Со  закон нема да дозволиме амнестирање на криминал. Со никаква законска одредба што ќе значи затворање на истраги со цел да нема понатамошно гонење од било кој, дали е СЈО, дали е Обвинителство за организиран криминал – вели Дескоска.

Во врска со тоа што ќе се случи со „бомбите“ доколку редовното Јавно обвинителство преземе одредена истрага и дали ќе може да ги користи, Дескоска вели дека тоа прашање треба да се реши во законот.

– Јас денеска видов изјави од обвинители кои го отвораат тоа прашање за нивното користење. За тоа прашање ќе треба  да одлучи судот дали ќе прифати друг обвинител да ги користи „бомбите“ како материјал – истакна таа.

На прашање на чија иницијатива беше сменет законот со кој се дозволи адвокати да поднесуваат иницијативи до Врховниот суд, Дескоска рече дека во моментот на промена на законот не била министер за правда, што е направено во мај.

– Гледајќи ја хронологијата и ако ја отворите веб страната на Собранието има дополнет предлог текст, што е практично дополнет со таа одредба. Претпоставувам дека тоа е произлезено како некаков компромис во делот на преговорите меѓу власта и опозицијата, во тоа време, за да се постигне согласност од две-третини во Собранието – вели Дескоска.