Две третини од граѓаните не веруваат дека во земјава може да се добие фер и правично судење, а близу три четвртини се на ставот дека законот не важи подеднакво за сите, покажува последната анкета која за „Детектор“ ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје.
Според неа, 65,7% од граѓаните се на ставот дека во Северна Македонија не може да се добие фер и правично судење додека во спротивното се убедени 19,3%.
Македонците и етничките Албанци комплетно различно гледаат на ова прашање, иако во мнозинство се согласуваат дека фер судење не може да се добие. Сепак додека ваков став делат 73,2% од Македонците, „само“ 42% од Албанците сметаат дека не можете да се добие фер судење, за разлика од 32,7% кои се на ставот дека во Македонија може да ви биде судено во фер постапка. Овој процент кај етничките Македонци е спуштен на само 14,8%.
Од анкетираните граѓани, 73,9% велат дека во земјава законот не важи подеднакво за сите, додека неселективност во правдата гледаат само 17,3%.
Споредено со анкетата која ИПИС за „Детектор“ ја спроведе пред четири години, податоците покажуваат дека нема некоја значителна разлика, иако постои благ раст на граѓани кои сега сметаат дека законот не важи подеднакво за сите. И по ова прашање значително се разликуваат ставовите ако се направи анализа на етничката структура на испитаниците. Па така, 81,8% од Македонците сметаат дека законот не важи подеднакво за сите, додека ваков став делат 51% од Албанците.
Гледано по региони, во вардарскиот и источниот регион над 90% од анкетираните сметаат дека правдата е селективна додека на југоистокот и во полошкиот регион ваков став делат околу 60% од истпитаниците. 70,9% од анкетираните велат дека македонското судство не е ефикасно, додека ефикасност перцепираат 16,4%. И тука споредбата со претходната анкета која ИПИС за „Детектор“ ја спроведе во 2019 дава раст на бројот на граѓани кои сметаат дека судството не е ефикасно, иако разликата не е многу голема. Сепак, голема е разликата меѓу ставовите на Македонците и Албанци по ова прашање. Додека близу 80% Македонци сметаат дека судството не е ефикасно ваков став делат само 46% Албанци.
Генерално гледано, граѓаните имаат многу мала доверба во правосудниот систем. Во судството доверба имаат само 24%, а не му веруваат 70% од анкетираните. Тука некаде се и бројките за обвинителството. Недоверба во него имаат кај 67% од анкетираните, а му веруваат 25%. Во народниот правобранител доверба имаат 35% од граѓаните, а недоверба 50,4%. 75,3% од анкетираните сметаат дека македонското правосудство не е независно додека само 11% мислат дека тоа е отпорно на надворешни влијанија. Во споредба со анкетата од пред четири години, има значителен раст на бројот на граѓани кои денес сметаат дека судството не е независно. Ако оваа бројка во 2019 била фиксирана на нешто под 60%, сега таа оди над 75%.
И тука Македонците и Албанците имаат прилично различни ставови. Додека 83% Македонци сметаат дека нема независно судство, ваков став делат 52,9% етнички Албанци.
Истражувањето на јавното мислење за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1115 испитаници во периодот од 1 до 4 февруари оваа година.