„Deutsche Bank“ оствари добивка од 1,85 милијарди евра

Најголемата германска банка „Deutsche Bank“ во првиот годинешен квартал остварила добивка пред оданочувањето од 1,85 милијарди евра, што е за 12 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година и веќе 11-то тримесечје со ред остварува добивка,

Воедно, тоа е највисоката квартална добивка на оваа банка од 2013 година. Од „Deutsche Bank“ во четвртокот најавија дека сакаат да остварат уште поголема добивка, па затоа ќе бараат начини како дополнително да ги намалат трошоците.

Така, од банката објавија дека планираат да спроведат „намалување на работната сила меѓу персоналот кој не работи со клиентите“, како и дека се „фокусиран на намалувања на управувачките нивоа“. Исто така, планираат да го рационализираат работењето во финансирањата во градежниот сектор и дополнително да го намалат својот технолошки центар во Русија.

Главниот извршен директор на „Deutsche Bank“, Кристијан Зевинг, изјави дека банката е „на добар пат да ги исполни или надмине своите цели за 2025 година“, и рече дека во тек се подготовки за натамошен откуп на акциите до крајот на годинава.

Приходите на банката во тој период достигнале 7,7 милијарди евра, зајакнувајќи од 7,33 милијарди евра во првото тримесечје во 2022 година.

Нето добивката која им се припишува на акционерите пораснала во првото тримесечје 9 отсто на годишни ниво, на 1,16 милијарди евра, додека заработката по акција изнесувала 0,61 евра во однос на 0,55 евра во минатогодишниот прв квартал.

Инаку „Deutsche Bank“ минатата година оствари најдобар годишен резултат од 2007 година. Во летото 2019 година, Зевинг, кој тогаш беше само малку повеќе од една година на позицијата извршен директор, темелно го пренасочи работењето на оваа банкарска групација, ги намали нејзините активности во инвестициското банкарство, го заврши глобалното тргување со акции и продолжи со интеграцијата на германската „Postbank“ во своите работење со граѓаните.