Девет авиони принудно слетале за време на летови во Чиле, Аргентина и Перу, поради закани со бомба кои ги регистрирале во чилеанската Управа за цивилно воздухопловство, изјави денеска директорот на службата.
Најмалку два авиона припаѓаат на компанијата “ЛАТАМ ерлајнс”, а три на нискотарифната чилеанска компанија „Скај“, потврдија овие превозници.
Виктор Виљалобос Колјао, генерален директор на Управата за цивилно воздухопловство соопшти дека биле испратени 11 закани, од кои два биле “фиктивни”, а девет се однесувале на постојните летови.
Сите авиони биле прегледани по што било откриено дека нема експлозив, а на два авиони им било дозволено да продолжат со летовите, рече Колјао.
Тој додаде дека полицијата се обидува да ги идентификува заканувачите кои по телефон се јавиле до „ЛАТАМ“ и Управата за цивилно воздухопловство.
Секогаш имаме напуштен куфер или два. Тоа е нормално. Но ова беше многу посебен случај, изјави Колјао.