Девет погодоци на ПСЖ, рекорд на Мбапе

Фудбалерите на Пaри Сен Жермен рутински изборија пласман во осминафиналето на Купот на Франција откако на гости го совладаа шестолигашот УС Ревел со дури 9:0.

Средбата ја одбележа Килан Мбапе, кој постигна три гола (16, 45, 48), со што стана најдобар стрелец во историјата на ПСЖ во натпреварувањата во „Coupe de France“. Мбапе на 25 натпревари постигна 30 гола, а досега клупскиот рекорд го држеше Франсоа М’Пеле со 27 погодоци.

Мбапе постигна уште два гола во Купот на Франција во дресот на Монако, па со вкупно 32 гола се наоѓа на петтото место во листата на стрелците во ова натпреварување. На врвот се Мишел Платини и Делио Онис со по 44 голови.

Стрелци за ПСЖ беа и Максенс Н’Гесан (38-аг), Марко Асенсио (43), Гонкало Рамос (71-11м), Коло Муани (76, 90) и Шер Ндур (87).

Меѓу клубовите кои изборија продолжение на натпреварувањето во Купот се Марсеј, Лион, Монако, Лил, Тулуз…