Хидра, или Хидрата од Лерна, според митологијата, било змијолико водено чудовиште кое живеело во езерото Лерна во Арголида. Имала девет глави и за секоја отсечена глава и се појавувале една или повеќе нови. Хидрата имала отровен здив и отровна крв, и дури нејзиниот мирис бил смртоносен. Излегувајќи на копно ги уништувала стадата и ги пустошела полињата и така се хранела.
Лерна, езерото во кое живеела, било влез во долниот (длабокиот, подземниот) свет, па таа важела и за чувар на тој подземен свет. На светот на темнината и злото.
„Железниот триаголник“ – Современата Хидра
Хидрата денес повторно е чудовиште со безброј глави и за секоја отсечена се појавуваат двојно пострашни, нови глави. Таа има отровен здив и отровна крв, па излегувајќи на копно уништува и пустоши. Од пустошењето се храни и расте се’ пострашна и како таква го чува и заштитува влезот во длабокиот свет, светот на темнината и злото. Современата Хидра е воено-индустрискиот комплекс на САД (military – industrial complex – MIC), кого некои веќе го нарекуваат и воено – индустриски конгресен комплекс (military – industrial congress complex – MICC), заради се’ поочигледната врска на Пентагон и Конгресот, а во интерес на аждерот наречен воена индустрија, формирајќи тристрана врска наречена „железен триаголник“.
Во врска со ова, при своето проштално обраќање до нацијата, уште на 17 јануари 1961 година, тогашниот претседател на САД во заминување и генерал со пет ѕвездички – Двајт Ајзенхауер, предупредил:
„Ние мора да се чуваме од неоправдано влијание, без разлика дали се бара или не, од страна на воено-индустрискиот комплекс. Потенцијалот за катастрофален пораст на погрешно поставена моќ постои и ќе продолжи… Само буден и информиран граѓанин може да влијае на правилното спојување на огромната индустриска и воена машинерија на одбраната со нашите мирољубиви методи и цели…“.
За жал, ваквите предупредувања беа игнорирани, па тој, воено-индустрискиот комплекс, израсна во чудовиште со безброј глави, кое преку војните што ги предизвикува, се храни со уништувањето и пустошењето и кое го заштитува влезот во длабоката држава (deep state) на неолибералните злосторници.
Тоа чудовиште, постојано го држи светот поделен, постојано пронаоѓа „непријатели“ кои со неговото оружје треба да бидат уништени, и „партнери“, кои пак треба да бидат заштитени со неговото скапо оружје. Секое негово излегување на „копното“ значи нова војна, ново уништување и пустошење. Контролирајќи го и штитејќи го „влезот“ во длабоката држава на САД, преку демократите и неоконсите (новите конзервативци) и европската длабока еврократска држава во Брисел, преку евроатлантските интеграции, имајќи ги НАТО и ЕУ како „елитни демократски“ друштва за европските инсталирани државни раководства, го дели светот на „наши“ и „ваши“. Дури не остава простор да се биде „ничиј“, па под мотото „ако не си со нас, тогаш сигурно си против нас“ ги изострува спротивставеностите до ниво на омраза.
Тоа чудовиште, од безбедна далечина од петнаесеттина илјади километри, си игра со судбината на човештвото, играјќи со судбината на Европа. Втерувајќи ја Русија до ѕид, ширејќи ги своите безбројни глави со отровна крв и отровен здив, се’ до нејзините граници, ја испровоцира руската интервенција во Украина (војна која никако не смее да се прифати како решение), а настрвувајќи ја Украина да бега од мирно решение игнорирајќи ги минските договори кои веќе сите ги заборавија и да влезе во војна ветувајќи и се’повеќе и повеќе и повеќе оружје, се’ повеќе отровна крв, ја доведува цела Европа на прагот на војна.
Во меѓувреме, по принципот „ако не си со нас, си против нас“, една од главите со отровна крв влезе, на пример, во Пакистан за да смени легално и легитимно раководство, а безброј глави на змијоликото чудовиште, по истиот принцип, се закануваат уште на десеттици држави, како на пример, соседна Србија.
Заземањето страна – храна за чудовиштето
Инсталираните раководства на „We are NATO“ државите во Европа трескавично трупаат оружје купено токму од воено – индустрискиот комплекс на САД, заради одбрана од наводна руска агресија и овозможуваат престој на стотици илјади нови американски војници на своите територии. Така, подготвувајќи ја „демократска“ Европа за тотална војна против руската „закана“, деветглавото змијолико чудовиште полека, но сигурно излегува на европското копно. За да ја предизвика тоталната војна како храна за неговиот ненаситен желудник.
А, сите вие кои денес се определувате за едната или другата страна, за НАТО или Русија, вие се определувате за војна, дури и несвесни за последиците што може да ги предизвикате. Вие го привикувате и му овозможувате на деветглавото чудовиште, на современата Хидра, да излезе од длабокиот свет иако знаете дека има отровен здив и отровна крв, та дури и нејзиниот мирис е смртоносен. Знаете дека, кога ќе излезе, ќе ви ги уништи стадата и ќе ви ги опустоши полињата. И сеедно удирате во воените барабани.
Вие, кои во својата наципатетика се заканувате со затвор до 5 години за оние кои ќе застанат на страната на Русија и Путин, не можете да сфатите дека луѓето не застануваат во одбрана на војната, туку инстинктивно, со мудроста стекната низ вековите, а не со извештаите на Си-Ен-Ен, застануваат во сопствена одбрана, во одбрана на сопственото семејство, народ и држава, во одбрана токму и на украинскиот народ, во одбрана на правото на мир и правото на живот.
И не против ЕУ или НАТО, туку против деветглавото чудовиште кое, користејќи ги токму нив како сопствено оружје, полека излегува на копното Европа стремејќи се да го уништи. Но, чудовиште кое со својата неконтролирана моќ се заканува да ја уништи дури и државата чиј влез во длабокиот свет го штити, САД, како држава на нејзините нормални граѓани.
Со еден збор, за да биде јасно, непријател на човештвото не е ниту ЕУ и НАТО; ниту Русија и Путин; уште помалку Украина и украинскиот народ, а најмалку обичните луѓе презаситени од неправдите што со децении ги трпат, со своите објави на социјалните мрежи. Непријател на човештвото е современата Хидра – воените стратези, воено-индустрискиот комплекс и политиката на длабоката држава, поврзани во „железниот триаголник“. Современата Хидра како чувар на длабокиот свет, светот на темнината и злото.
Непријател на човештвото се и испраните мозоци кои, свесно или не го потхрануваат чудовиштето на кое и мирисот му е смртоносен. Испраните мозоци, заробени во „железниот триаголник“, несвесни дека кога ќе го ослободат чудовиштето од неговиот подземен свет и тие самите ќе бидат негови жртви.
Човештвото, додека не е доцна, има обврска да се обедини против заедничкиот непријател кој се заканува со негово уништување – испраните мозоци и „железниот триаголник“ како современа Хидра.