Македонската дијаспора со остра критика до опозицијата за нејзиниот предлог дијаспората да нема право на глас на избори. Тие велат: „Не сме странци, имаме право на глас, иако сме надвор од границите. Македонија е нашата татковина, земјата која ја сакаме и браниме, државата во која инвестираме“.
Премиерот Груевски застана во одбрана на дијаспората и нивните права, па испрати силна порака до политичките партии дека дијаспората не смее да се потценува.
Најновите притисоци кои доаѓаат кон нас, а во правец да се елиминираат пратениците на дијаспората, заради калкулантски дневно политички ситни интереси, ќе ја оддалечи од нас оваа структура на луѓе која непрестајно, и во добри и во тешки времиња помага на Македонија. Барањата преку разни законски акробации, да се сведе работата на ниеден или најмногу еден пратеник од дијаспората, ќе испрати лош сигнал до најверните наши надворешни подржувачи, рече Груевски.
Потенцира дека ако тој се прашува, бројот на пратеници од дијаспората треба најмалку да се триплира, а не да се елиминираат и сегашниве.
Дијаспората, не само што испраќа огромна финансиска помош за нивните блиски во Македонија, туку помага и на многу други начини, преку политички и економски лобирања, но се повеќе и преку помали или поголеми инвестиции во Македонија. Во бројни ситуации кога се боревме да привлечевме компании во Македонија, различни здруженија на дијаспората ни отвораа врати на многу места, лобираа и помагаа колку што можат. Немојте да го потценувате нивниот труд. Независно што мал дел од нив гласаат, ќе ги погоди и оние кои гласаат, и оние кои не гласаат, посочи македонскиот премиер.
Заклучи дека симболиката со нивни минимален број нивни претставници во парламентот им значи, и треба да останат.
Од друга страна, СДСМ ги навреди македонските граѓани од дијаспората барајќи да им се забрани да ја искажат својата волја на демократски избори и да имаат право на глас.
Изминативе денови пристигнаа бројни изјави и соопштенија од нашинците во земјите од регионот, Европа и Австралија.
Не сме странци туку дел од македонското битисување и имаме право на изборен глас
Бараме да се гарантира избирачкото право на сите државјани на Република Македонија кои живеат надвор од нејзините граници и истото да не биде предмет на политички калкулации. Да се олесни процедурата за пријавување и остварување на гласачкото право на лицата кои веќе еднаш гласале во дијаспората и да се овозможи без било какви ограничувања да се оствари избирачкото право во најблиската амбасада во рамките на една изборна единица, се вели во соопштението од Македонското друштво „Скопје“.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопшти дека ги следи активностите на работната група за измени во изборниот законик и ги осудува сите напори кои би наштетиле или би им одзеле право на глас на македонските иселеници на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.
За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението на ОМД.
ОМД укажува дека дијаспората е клучен партнер на Република Македонија и е интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата. Дијаспората директно придонесува 18-20 проценти од домашниот бруто производ на Република Македонија, а придонесува и за зголемување на локалната економија во земјата. Историски, Македонците надвор од матичната држава се бореле за незавизна, слободна, и суверена Македонија и откако оваа цел во 1991 год. се постигна, дијаспората продолжи да биде важен фактор за стабилноста и компетитивноста на државата. Затоа, според ОМД, дијаспората мора да продолжи да го ужива своето универзалното право на глас и да биде претставена преку свои пратеници во Собранието на Република Македонија.
Ги повикуваме сите политички субјекти во Република Македонија да не се пазарат со основното демократско право на македонската дијаспора, да избира и да биде избрана за да влијае на општествените текови во татковината, се вели со соопштението на Македонската алијанса.
За Македонската Алијанса избирачкото право е основно политичко право на граѓаните и претставува обележје на современите, демократски, плуралистички држави кое е загарантирано со Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година.
Ние сме свесни дека веројатно има одредени прашања кои можат да се подобрат, но секој почеток е тежок и секогаш постои можност правилата да се унапредат врз основа на претходните искуства. Ние имаме разбирање за фрустрацијата на одредени политички партии, кои својот неуспех да се наметнат програмски во дијаспората сакаат да го решат со иницијативи за укинување на нивното право за гласање, вели Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, претседател на Македонската алијанса.
Иднината на нашиот народ и држава е оставена во рацете на мала група политичари кои сакаат да си поиграат со националните чувства на македонската дијаспора, нашите граѓански права, но и должности како македонски државјани без оглед на фактот што сме на привремен престој во странство, реагираат од Советот на Македонска Заедница, национален центар Детроит.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана строго ги осудува сите напори кои би го одзеле правото на Македонците надвор од Република Македонија да гласат за претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.
За нас, предлогот за одземање на правото на глас на Mакедонците надвор од Република Македонија претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување на Mакедонците надвор од Република Македонија. Бидејќи ние Mакедонците надвор од Република Македонија сакаме да учествуваме во градењето на слободна и демократска држава, имаме право најпрво заради нашето потекло, грижа и нераскинлива врска со татковината. Македонците надвор од Република Македонија се клучен партнер на Република Македонија и интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата, реагираа тие.
Македонците кои живеат во Словенија велат дека нема да дозволат да им биде одземено правото на глас.
И ние деца сме на Македонија, и ние секојдневно учествуваме во градењето на современа и самостојна Македонија и нема да дозволиме политичари од типот на Заев да ги деградираат придобивките, правата и обврските на диаспората. Делуваме на сите подрачја промовирајки ја нашата Македонија, работиме на подобрувањето на македонскиот имиџ во светот, остваруваме нераскинливи пријателства. Ги култивираме кај нашите сонародници македонската самосвест и македонското национално самочувство, да го развива чувството на заемна љубов и самопомош меѓу своите сонародници, да ги чува македонските обичаи, песни и умотворби, да ги величи и да ги цени високиот идеализам и подвизите на своите татковци и дедовци и, со се што прави, да создава пријатели на Македонија, стои во реакцијата.
Австралиската дијаспор остро реагира на ставот на СДСМ да им се укине правото на глас
Гласачкото право на Македонците во Австралија има големо значење за македонската дијаспора зашто со овој чин ние кои живееме на просторите од овој далечен континент се почувствувавме поблиску до нашата родна татковина. Овој чин го почувствувавме како повик и ние да го дадеме нашиот допринос за развојот и просперитетот на Македонија. Како што на многумина ви е веќе познато бројот на македонски бизнисмени кои инвестираат во Македонија рапидно се зголемува секоја година напредно со годишните посети од Македонците кои живеат во Австралија. Правото на глас на Македонците во дијаспората им овозможува и тие да имаат свој дел во предлозите за промени на регулативни мерки со кои ќе се забрза трговската размена меѓу Македонија и Австралија, туризмот, инвестирањето во инфраструктурите, условите за инвестирање во нови бизниси како и соработка на културен и образовен план, велат тие.
Зошто СДСМ се плаши од гласовите на дијаспората?
Зошто најголемата опозициска партија во земјава е против гласање на дијаспората на претстојните избори доколку се земат во предвид постојаните обвинувања од СДСМ на сметка на актуелната власт дека стотици илјади луѓе се иселуваат од земјава поради незадоволството од владејачката партија. Иако “незадоволните иселеници“ се голем потенцијал за нивни гласачи, сепак нејасно е зошто СДСМ не сака истите тие да гласаат, пишува порталот „Курир“.
Ова е прашањето кое неминовно се наметнува деновиве, откако една од точките за кои дебатираат работните групи на политичките партии потписнички на договорот во Пржино е гласањето на дијаспората. СДСМ и опозициските медиуми изминатиов период излегоа со низа небулози дека последниве 9 години се иселиле стотици илјади граѓани, споменувајќи бројка од 200 до 300 илјади лица.
Според тврдењата на опозициските експоненти и самиот СДСМ, причината за иселувањето на овој огромен број лица била поради лошите политики на актуелната власт и лошите постапки на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Доколку тоа навистина е така, како што тврди СДСМ, тогаш се поставува дилемата зошто токму оваа партија е против гласањето на дијаспората на претстојните избори и зошто СДСМ и соросовите медиуми упорно се залагаат да се укине гласањето на иселениците?
Според нивната логика и нивната математика, стотици илјади незадоволни и иселени во последниве 9 години се голем потенцијал за нивни гласачи, бидејќи според нивните тврдења тие ја напуштиле земјава незадоволни од актуелната власт. Од сето ова произлегува дека СДСМ очигледно некаде лаже и е неконзистентна, бидејќи нема никаква логика да не сака да гласаат оние кои незадоволни од нивниот политички опонент ја напуштиле Македонија.
Во својот говор вчера, премиерот Никола Груевски им порача на политички партии во земјава во никој случај да не ја потценуваат македонската дијаспора.