Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница треба да ги објави конечните официјални резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули. По завршувањето на оваа, закажана е свечена седница на која новите пратеници ќе ги добијат уверенијата за мандатите.
Објавувањето на конечните официјални резултати следува откако Управниот суд вчера ги одби и последните тужби од партиите. Судиите од овој суд не прифатија ниту една од вкупно поднесените 185 тужби. Пресудите коишто беа донесени се конечни.
Со оглед дека Управниот суд ги одби тужби, нема да има промена во конечните неофицијални резултати од изборите, па составот во Собранието ќе биде: 46 пратеници СДСМ и коалицијата „Можеме“, 44 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 15 од ДУИ, 12 од Алијанса за Албанците и Алтернатива, два од Левица и еден од ДПА.
Според Уставот, сега треба да се одржи конститутивна седница на новиот парламентарен состав. Неа, најдоцна 20 дена од одржувањето на изборите треба да ја свика претседателот во претходниот собраниски состав, Талат Џафери, што во случајот би требало да се случи најдоцна до 4 август. Ако Џафери, кој вчера беше хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, не биде во можност да ја закаже конститутивната седница, уставните и законските одредби предвидуваат пратениците сами да се состанат на дваесет и првиот ден од денот на изборите.
По конституирањето на Парламентот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.