Државната изборна комисија утрово од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола го презеде доверливиот избирачки материјал што ќе биде користен во вториот круг од Локалните избори.
Државната изборна комисија за вториот круг ангажира над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места и надминување на проблеми од употребата на апаратите за отпечаток од прст, изјави Александар
Даштевски, претседател на ДИК.
– Лично сметам дека вториот круг ќе се реализира во најдобар ред и побрзо. Намалената динамика на избирачкиот процес на одредени избирачки места во првиот круг, предизвикана од новата технологија и
употребата на фингерпринт во вториот круг ќе биде подобрена за што ДИК спроведе дополнителна обука. Но, ние за вториот круг ангажиравме над 400 лица кои ќе ги има на гласачките места и ќе бидат задолжени за техничка поддршка и помош со цел да нема пречки во процесот на гласање. Првото искуство ни овозможи во вториот круг да влеземе по подготвени, а и избирачкиот материјал е помал, изјави Даштевски.
Во печатницата АД „Киро Дандаро“-Битола за седум денови овој пат се испечатени 1,6 милиони ливчиња од доверливиот избирачки материјал кој во текот на денот ќе го преземат општинските изборни комисии во
општините каде в недела ќе има гласање.
-Печатницата го изработи материјалот за првиот круг без никаква грешка, и избирачките ливчиња беа дистрибуирани во најкус можен рок. За вториот круг има помалку материјал кој исто така е исклучително квалитетен со 20 видови заштита и без можности за фалсификување, посочи Даштевски.
АД печатница „Киро Дандаро“-Битола од 2002 година континуирано го изработува и печати избирачкиот материјал за различни изборни циклуси во земјава, беше истакнато на прес конференцијата во овој град.