Според роковникот на ДИК, гласањето ќе се повтори само ако вкупниот број на запишани избирачи на тоа избирачко место на ниво на Изборна единица влијае на вкупните резултати. Доколку има влијание, прегласувањето ќе се повтори 14 дена по денот на изборите, односно на 25 декември.
На избирачкото место 2011 во Теарце во Избирачкиот список се запишани вкупно 714 гласачи. На 11 декември на гласање излегле 404 од кои 91 гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата за промени и правда – Трет блок.
Во Изборната единица 6 според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови 40.599 освои ДУИ, потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 26.135, СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците 17.970, ДПА 16.225, ВМРО за Македонија 919 и Коалицијата за промени и правда – Трет блок 239.
Според добиените гласови, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ 4, Беса 3, СДСМ 3, Алијанса за Албанците и ДПА 2.
Управниот суд на Република Македонија вчера ги уважи тужбата на СДСМ за поништување на гласањето на гласачкото место 2011 во Теарце и тужбата на ВМРО-ДПМНЕ против одлуката на ДИК да се поништи гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар.
Како неосновани, Управниот суд одби три тужби на СДСМ против решенијата на ДИК, а кои се однесуваат за избирачките место 2010 и 2025 во општина Теарце, и за избирачко место 1978 во општина Тетово, сите во Шестата изборна едница. Со тие одлуки на Управниот суд се потврдија решенијата на Државната изборна комисија.