Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска на денешната панел дискусија насловена „4 години Заев, 4 години украден живот. Доста е!“, зборувајќи за тоа како Владата се справува со сивата економија рече дека и покрај тоа што ова беше една од целите во „Планот за живот“ во пракса не е направено ништо во овој правец, а тоа го покажуваат и приходите од ДДВ во буџетот кои во континуитет се намалуваат.
„Една од целите на оној „План за живот“ исто така беше и сузбивање на сивата економија, меѓутоа ние може да видиме дека сивата економија кај нас е некаде 38% од БДП и да кажеме дека сме и лидери во Европа и на Балканот со највисока стапка на сива економија во однос на БДП. Притоа, ако пак го погледнете тој план за живот ќе видете дека еден од механизмите за борба со сивата економија е воведувањето на проектот „Мој ДДВ“ или скенирањето на оние фискални сметки коишто требаше на некој начин да донесат дополнително зголемување на приходите од ДДВ, меѓутоа ако ги погледнеме повторно податоците, односно ДДВ-то како процент од БДП ќе забележиме дека тие од година во година се намалуваат, па така да кажеме во 2017 година биле 7,74% од БДП за во 2020 да се 7,06% од БДП што јасно кажува дека ниту проектот „Мој ДДВ“ вродил со некакви резултати, ниту пак имаме борба со сива економија“ истакна Димитриеска Кочоска.
Како друг сегмент кој не функционира во оваа насока ја спомна и фискалната стратегија која беше донесена кон крајот на 2020 која според нејзе е контрадикторна.
„Дека Владата воопшто не размислува за сивата економија јасно е и од фискалната стратегија која ја донесоа некаде пред крајот на 2020 година која што е за периодот од 2021 до 2023 но со изгледи до 2025, значи се даваат податоци за 2025 каде што за 2021 година ќе видите дека вкупните приходи како процент од БДП им се предвидени на 30,1% за следната 2022 да се намалат на 29,7%, потоа да одат 29,6%, 29,5% итн. што повторно јасно кажува, овој процент треба да расте. Вие кога имате висок процент на сива економија и велите дека ќе се борите со сивата економија, а притоа процентот на приходи како процент од БДП се намалува, што е контрадикторно. Ова јасно покажува дека Владата нема никаква желба за борба со сива економија“, потенцираше Димитриеска Кочоска.
Како доказ за тоа дека ништо не се прави за сузбивање на сивата го спомна и последниот Извештај на Светска Банка во кој нема баш пофални зборови за Македонија и е наведено дека дури 55% од фирмите во земјава се борат со неформални компании кои се основани и работат на црно.
„И уште еден податок меродавен да кажам и овој е податок кој што го извади Светска банка сега во последниот извештај, односно пролетните прогнози за 2021 година каде што се земени шесте земји од Западен Балкан каде што да кажеме за Македонија баш и нема така пофални зборови ако внимателно го прочитате извештајот. Една од работите што таму е наведена е дека втора пречка за водење на бизнис во Република Македонија покрај првата која што е политичка нестабилност, втората вели е дека 55% од фирмите во Македонија, а тоа е највисок, 55% од фирмите во Македонија се борат со неформални компании. Значи, компании кои што се основани и работат на црно. тоа е податок чинам беше на 36-та страна во извештајот на Светска Банка и секој еден може да го погледне и да види дека ние повторни и на Балканот сме најлоши од сите“, заврши Димитриеска Кочоска.