Пропаѓањето на Еуростандард банка вториот ТАТ, е афера тешка околу 200 милиони евра, колку што и вредеше активата на банката заклучно со 31.12.2018 година, за жал последниот јавно расположлив ревизорски извештај на банката – истакна денеска Гордана Димитриеска Кочоска.
Епилогот е 100 илјади блокирани сметки, четириесетина илјади пензионери без своите пензии, измамени штедачи и над 20 милиони евра депозити кои што ќе останат непокриени.
Но воедно овде се отвора и сомнеж за криминално и коруптивно работење.
„Вистинското прашање во аферата тешка 200 милиони евра е на кој начин се одобрувани кредитите кои набрзо станувале лоши пласмани и зошто тоа било премолчувано од најмалку три финансиски институции задолжени за контрола на банките. Дали е точно дека во аферата Еуростандард банка тешка 200 милиони евра, над 55 милиони евра кредити без покритие се делени на различни компании меѓу кои и струмички компании блиски до власта? Јавноста ја интересира кои се тие компании кои земале пари без покритие, или со хипотеки со преценета вредност“, рече Димитриеска Кочоска.
Сомнежот е дека се делени кредити за недвижнини со нереална и над проценета вредност со цел да се добијат повеќе пари.
„Да потсетиме дека Зоран Заев изјави дека знаел за работењето на банката една година, а министерката за финансии заштедата од 250 илјади евра навреме ја извадила од банката. Ова е коруптивен случај чии пипци одат до највисоките структури на власта“, обвини Димитриеска Кочоска.
На прашањето кој е коментарот на ВМРО-ДПМНЕ околу одлуката на Антикорупциска Комисија за поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска дека имала етичка одговорност, но не и кривична одговорност со повлекување на парите од Еуростадард банка, Димитриеска Кочоска рече:
„Јас денеска неколку минути пред пресот го прочитав ставот на Антикорупциската Комисија и сум да не речам сум шокирана. Зошто? Ако Зоран Заев изјави дека пред една година точно знаел дека банката има проблеми и ако точно пред една година па можеби и повеќе од тоа бидејќи гувернерката досега не се произнесе по однос на тоа кога и во кој момент адекватноста на капиталот на банката паднал под 8, согласно законскиот минимум тоа значи дека банката требала да биде затворена една година претходно. Во меѓувреме Нина Ангеловска станува министер за финансии, поминува една година во која банката е под тој законски минимум и министерката полека, полека го намалува својот депозит. И уште нели најшокантно на месец и пол пред избори таа ги повлекува и последните средства, а притоа да не заборавиме таа е дел од Комитетот за финасиска стабилност. Како може Нина Ангеловска да нема информации и да не знае дека банката последната година имала проблеми. Оттука се поставува прашањето дали таа намерно и полека го вадела својот депозит за да не биде воочливо нели одеднаш и притоа токму заради такви случаи како Нина Ангеловска кој што требале во последната година да ги повлечат своите депозити се одвлекуваше стечајот на банката и не баш пред избори не знам зошто повторно гувернерката ќе треба да одговори на прашањето, туку после избори ние имаме отварање на стечај на банката. Антикорупциска по мене тука е само и не помене, туку е и ставот на ВМРО-ДПМНЕ е само продолжена рака на Зоран Заев. Со оваа одлука која што ја донесе тоа е и ништо повеќе не може да се заклучи за Антикорупциска“, нагласи Димитриеска Кочоска.