До ВМРО ДПМНЕ досега има пристигнато една апликација за кандидат за претседател и една иницијатива за кандидирање, информираше дека генералниот секретар на партијата, Емил Димитриев.
Димитриев вели дека до нив е пристигната кандидатурата на професорот Јове Кекеновски и инцијатива за повторно кандидирање на актуелниот претседател Ѓорге Иванов. Иницијативата за Иванов досега ја поддржаа истакнати јавни личности, но и од министри и пратеници од владејачката партија, како вицепремиерот Зоран Ставрески, пратеникот Антонио Милошоски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Димитриев вели дека досега Иванов не се произнел во однос на инцијативата, но тоа ќе биде неопходно да го направи.
„Согласно деловникот на Конвенцијата господинот Иванов ќе мора лично да се произнесе и нели да се кандидира на Конвенцијата. Значи ова е инцијатива, но ќе мора лично произнесување од господинот Иванов“, вели Димитриев.
Димитриев не сакаше да ги коментира изјавите од Демократската унија за интеграција според кои Иванов не е пример за консензуален кандидат зад кој тие би застанале.
Инаку, на Конвенцијата, закажана за први март, секој од кандидатите ќе добие простор за презентација, а потоа ќе биде спроведено тајно и неспоредно гласање.
„Според предложениот Деловник за работа на Конвенцијата, ќе се спроведе тајно, демократско и непосредно гласање на делегатите. За избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг на гласање, ќе се спроведе и втор круг помеѓу двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови во првиот круг од гласањето“, објасни Димитриев.
Списокот на делегати ќе биде објавен денеска на интернет страницата на ВМРО ДПМНЕ.