Заменик-министерот за одбрана, Емил Димитриев, денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ оствари средба со професионалните војници од Првата механизирана пешадиска бригада, на која ги запозна присутните со предлогот на Владата за законски измени за целосно решавање на статусот на професионалните војници во служба на Армијата на Република Македонија.
„Од самиот факт што состанокот заврши со аплауз, може да се види на какво прифаќање наидува најновото решение за статусот на професионалните војници. Еден од најважните елементи во секоја армија е моралот, а со ова решение ние драстично влијаеме тој да е на највисоко ниво, во процесот на извршување на професионалните задачи“, истакна заменик-министерот Димитриев по средбата со професионалните војници од касарната во Штип.
Воедно, тој додаде дека оваа мерка е „де факто“ решение на проблемот за професионалните војници, кои треба да продолжат со успешната работа и со нивната врвна психофизичка подготвеност и професионализам кои се евидентни во светски рамки.
На средбата, на која присуствуваше и командантот на 1. механизирана пешадиска бригада, бригадниот генерал Павле Арсоски, професионалните војници се заблагодарија за оваа круцијална одлука, одлука која директно влијае на подобрувањето на иднината за нив и нивните семејства.