Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, е оптимист пред бараж натпреварот со Италија. Според голманот на Рајо Ваљекано, Македонија ќе оди на победа во бараж натпреварот за СП против Италија на гостински терен.
Според него, Македонија има на што да се надева, бидејќи ако сме можеле да ја совладаме Германија на гости, истото можеме да го направиме и со Италија.
„За нас ова е најважниот натпревар, за цела репрезентација. Подготовките течат добро, размислуваме само на мечот со Италија и одиме на победа. Очигледно е дека имаме квалитет, бидејќи патот што го поминавме за да дојдеме до тука воопшто не беше лесен. Ние преку квалификациите се изборивме за овој бараж, успеавме да ја победиме Германија, па зошто не би ја победиле Италија сега. Без оглед што станаа европски прваци на Европското првенство на кое дебитиравме ние. Тоа е дополнителен мотив за нас“, вели Димитриевски.
Според Столе, не е важно кој ќе истрча на теренот в четврток, најважно од се за нашите репрезентативци треба да биде начинот на кој ние ќе одиграме.
„Најважно од се е ние да се подготвиме најдобро што можеме, за да излеземе и да одиграме во најдобро светло. Со тоа ќе покажеме зошто сме стигнале до тука. Кој и да игра против Италија, ќе мора да го даде максимумот и да биде максимално сконцентриран. Така ќе можеме да се надеваме на победата“, истакна нашата репрезентативна „единица“.