Во градењето на државните позиции во два наврата бев принуден да се заканам со оставка, вели во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
„Мислам дека јавноста треба да знае, тоа до некаде и го споменав. Во битката внатре, за градењето на македонски заеднички позиции, во два наврати бев принуден и да се заканам со оставка. Дека, ‘ако одите вон оваа линија, тоа ќе го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен“, вели Димитров.
Димитров дури посочи дека конечното решение со Бугарија треба да оди во Собрание.
„Токму Бујар Османи кажа дека не мисли оти е добро решението да оди во Собранието. Дури и само таа изјава мене ми е доволна и ми прави еден прашалник и бара посебна внимателност“, вели Димитров додавајќи дека конечното решение мора да оди во Собранието.
„Зошто? Конечното решение ќе оди на одобрување и во бугарскиот парламент“, рече Димитров.
„Претседателот Радев ги држи документите со кои што почна спорот, Декларација во Собранието, Рамковната позиција на тогашната Влада, еден документ што е навредлив за Македонците. Дури колку што чув имало обид да се влоши позицијата со нов услов, во Преамбулата да се додадат Бугарите и тоа да се затвори и формално таа уставна процедура пред да се почнат пристапните преговори. Добро е што не отишла дебатата и разговорот во таа насока. Меѓутоа мислам дека имаме премалку уште елементи за да можеме сега со некаква обновена надеж, мора да излеземе од тој круг во кој што делумно и сами се внесовме на тие циклуси на надеж и разочарување“, појасни Димитров.