Димитров: Франција и Балканот бијат битка за истите вредности

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пред почетокот на министерскиот состанок со ЕУ во Хелсинки, порача дека е подобро да се зборува за комплетирање на ЕУ наместо за нејзино проширување.

Запрашан за „противењето“ на Франција за почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Димитров рече дека според неговите информации Париз сѐ уште не заземал позиција по ова прашање и дека за неколку дена ќе отпатува во Франција на средби.

– Не треба да зборуваме за проширување, туку за комплетирање затоа што регионот е целосно опкружен со земји членки на ЕУ, мапата на Европа ќе остане иста откако овие земји ќе се зачленат, нема да се прошири, и ако го направиме ова како што треба, сите ќе бидеме добитници, она за што се бори Макрон во ЕУ е она за што ние се бориме во регионот, се бориме за истите вредности, изјави Димитров во Хелсинки.

Министерот потсети дека процесот на проширување се заснова на индивидуални заслуги и дека не треба да се зборува за пакети земји, како што е случај за Северна Македонија и Албанија.

– Најдобро е двете земји, две земји е подобро од една, но една е подобро од ниедна, а ние го немаме луксузот да пропуштаме шанси за успех, порача министерот пред почетокот на состанокот.