3.8 C
Skopje
понеделник, декември 23, 2024

Димитров имаше видео состанок со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија

Заедно со Амбасадорите на ЕУ разменивме мислења околу состојбата со коронавирусот на европскиот континент и изразивме надеж дека започнатото единство и солидарност во справувањето со оваа закана помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан.

Денес, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на видео состанок заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, ЕУ амбасадорот Самеул Жбогар и амбасадорите на ЕУ земјите членки во земјата, на иницијатива на хрватската амбасада во Македонија во својство на хрватското претседателство со Советот на ЕУ. Повод на состанокот беше одбележувањето на крајот на шестмесечното претседавање на Хрватска со Советот на ЕУ, како и редовна размена на мислења и информации за пристапниот процес на Македонија. Се зборуваше и за најновите случувања во ЕУ и на домашен план, како и за предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЕУ и регионот на Западен Балкан во справувањето со КОВИД 19 пандемијата.

„Преговорите со ЕУ се огромна шанса да создадеме европски услови за живот и работа за македонските граѓани. Уверени сме дека во втората половина на годината, нашите тимови ќе започнат со конкретната работа врз поглавјата односно кластерите на законодавството на ЕУ, како што е според новата методологија за водење на преговорите. Заедно со Амбасадорите на ЕУ разменивме мислења околу состојбата со коронавирусот на европскиот континент и изразивме надеж дека започнатото единство и солидарност во справувањето со оваа закана помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан ќе продолжи и понатаму со уште поголем интензитет и координација, особено во претстојниот период кога полека ќе започнат да се отвораат границите за слободно патување на нашите граѓани и ќе биде потребно да се обезбеди економско закрепнување за нашите компании.”, изјави министерот Никола Димитров.

Во своето излагање министерот Димитров се заблагодари за силната поддршка на Хрватска за европската перспектива на земјата, истакнувајќи дека токму во нејзиното претседателство со Советот со ЕУ се донесоа важни одлуки за политиката на проширување на ЕУ, а особено одлуката за Македонија за почеток на ЕУ пристапните преговори. Хрватското претседателство во мошне тешки околности и големи предизвици успеа да ја одржи политиката за проширување високо на агендата на ЕУ и тоа е големо постигнување, истакна Димитров.

На средбата се реафирмираше и посветеноста на Македонија кон продолжување со европскиот курс, реформските процеси и унапредување на добрососедските односи. Македонија е подготвена и со нетрпение го очекува усвојувањето на преговарачката рамка и закажувањето на првата меѓувладина конференција што ќе означи конкретен почеток на преговорите.