Фокусот на денешниот состанок на Процесот за Соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИУ) беше ставен на политиката на проширување на Европската унија, регионалната соработка и потребата од инфраструктурно поврзување.
Министерот Димитров имаше обраќање во кое ја нагласи важноста на политиката на градење мостови на пријателство, добрососедство и соработка во светло на европската интеграција.
„Во следната година и половина, регионот има шанса да направи видлив прогрес во европските интеграции. За да ја искористиме, треба да работиме на реформите дома и да инвестираме во добрососедски односи меѓу нас. Ни претстои период на можности и перспективи. Ние мора да демонстрираме посветеност на реформската агенда и на неопходноста од регионална интеракција и соработка. Но, истовремено ние мораме да демонстрираме сопственост врз процесите и подготвеност самите да надминуваме отворени прашања и предизвици. Во актуелниот регионален контекст, ‘големата слика” е од извонредно значење”, истакна Димитров
Министерот Димитров учествуваше и на првиот министерски состанок на кој се инаугурираше Фондот за Западен Балкан.