Димитров: Текстилната индустрија пред колапс

Производство на текстил за осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани бележи зголемување од 11,2 отсто, додека производството на облека намалување од 6,7 отсто.

Политичарите да мислат на државата и да не дозволат политичката криза да прерасне во безбедносна криза зашто тоа би било погубно за извозно ориентираните компании од текстилната индустрија како и за целото стопанство, апелираше денеска Ангел Димитров, претседател на Здружението на тексилната индустрија при Стопанската комора.

Според него, состојбата е алармантна бидејќи голем период компаниите работат под притисок на политичките кризи во земјата што се одразува на нивната работа.

Сегашната политичка криза влијае на договорите потпишани со нашите странски партнери и инвестирањето на компаниите. Во нестабилна политичка состојба ниту еден бизнисмен не се одлучува да вложува, да ги шири капацитетите и не размислува за нови пазари. Но, пострашно е ако политичката криза прерасне во безбедносна тогаш ќе ја немаме и оваа работа ќе имаме колапс на оваа индустрија – предупреди Димитров.

Според него, нов изборен процес ќе биде дополнително оптоварување на бизнисите.