Иако во предизборниот период претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ветуваше дека ако дојдат на власт на значајните позиции во министерствата ќе постават непартиски кадри за кои ќе биде битна само нивната стручност, на дело се покажува дека партиската лојалност има приоритет пред ветената стручност, обвини во саботата Трајчо Димков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Димков пред новинарите како пример се осврна на именувањето на претседателот на општинската организацијана СДСМ во Штип, Владимир Милошев, за државен секретар во Министерството за здравство, со што, како што посочи, продолжува партизацијата на државните институции по теркот на Заев.
„Повеќе од очигледно е дека Владимир Милошев за државен секретар во Министерството за здравство е поставен најмалку според критериумот на стручност, туку, пред сѐ, како лојална партиска фигура“, рече Димков.
Ги наведе примерите кога СДСМ своите партиски активисти ги именува на раководни места во повеќе државни институции, коко што го посочи претседателот на СДСМ од Куманово, Мартин Костовски кој според оцената на Димков без почитување на законската процедура е поставен за директор на „Службен весник“, како што и потпретседателот на подмалдокот на оваа партија, Дарко Каевски, стана директор на Агенцијата за млади и спорт, а ист е случајот и со поставувањето на партиски кадар за директор на Агенцијата за државни службеници.
„Ова ја покажува во целост недоследноста на СДСМ во однос на прокламираните принципи за промовирање на непартиски стручни кадри. Очигледно е дека стручноста и резултатите од работењето уште долго време ќе чекаат на ред кај Заев и СДСМ, а раководните места во државната администрација ќе ги пополнуваат со партиски послушници, спротивно на основните принципи на едно демократско општество“, заклучи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.