Шеќеринска пријавила во својот анкетен лист дека издава еден стан за годишна кирија од 3 911 641 денари. Преведено во евра тоа значи дека од издавање на само еден стан Радмила Шеќеринска годишно остварува приход од 63 811 евра или 5 317 евра месечно, вели пратеникот и директор на Центар за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски прашувајќи каков е тој стан во Скопје што може да се издаде за 5.317 евра месечно.
„Каков е тој стан? Каде се наоѓа? Колкава површина е? Како е опремен? Ако госпоѓата Шеќеринска има одговор на главното прашање и на овие потпрашања добро е побрзо тој одговор да го даде и на јавноста и на својата партија. Ако пак нема одговор и ако нема документи кои може да ги приложи во врска со оваа мега афера во зародиш, тогаш ние од ВМРО-ДПМНЕ до неа имаме повеќе прашања. Прво, дали оваа цена е пазарна, знаејќи дека и најлускузните и најскапите станови во Скопје може да се изнајмат за не повеќе од 700 до 800 евра месечно. Кој е тој кој уплаќа во домашните приходи на Радмила Шеќеринска по 5 317 евра месечно? Дали имаат договор и на која сума плаќаат данок?“, прашува Димовски.
Тој исто така смета „вака напумпан и нереален приход“ е основа за сомнеж дека станува за сосема друг тим на приходи кои на овој начин се преставуваат како легални.
„Трето, колку вкупно средства има инкасирано семејството на Радмила Шеќеринска по овој основ? Дали го издавале станот една, две, три или повеќе години? Ако станот е издаван две години тоа значи дека семејството на Радмила Шеќеринска остварило приход од 127 622 евра, ако го издавале три години тогаш сумата која е инкасирана е 191 433 евра, ако го издавале четири години тогаш пак е вртоглави 255 244 евра приход по основ на издавање на само еден стан. Дали е малку, токму или премногу треба да одговори почитуваната Шеќеринска“, вели Димовски.