Димовски не планира да се кандидира за лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Илија Димовски вечерва пред одржувањето на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не планира да се кандидира за претседател на партијата дури и да се одложи конгресот.

– Не планирам да поднесам кандидатура дури и да се одложи конгресот затоа што мојот став не е базиран на персонални прашања. Мојот став е базиран на концептуални прашања. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ мора да смогне сили да покаже поголема зрелост од СДСМ, зјави Димовски.

Во врска со фејсбук статусот на лидерот во оставка Никола Груевски во кој тој посочува дека одлуката за конгресот е донесена едногласно, Димовски изјави дека гласале за одржување на конгресот во декември, но во меѓувреме добиле информации за нефер и недемократски избор меѓу кандидатите, поради што се залагаат за нов датум.