На Македонија и е потребно што е можно побрзо предвремени избори и рестарт на системот, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител додавајќи дека дури и СДСМ да успее да состави мнозинство и да формира нова влада, тоа ќе биде диктирано од Заев и сегашното раководство кое се покажа нефункционално и кое граѓаните го казнија на изборите.
Во однос на смената на раководството на СДСМ и на владата, како и на Зоран Заев, Димовски потенцираше дека гледаме сценарио за кое однапред се избрани улогите, а тоа се потврдува и со изјавата на претседателот на државата кој во интервју пред 4 дена кажа дека познати се имињата и кој ќе го замени Заев.
„Немам големи очекувања, прво онаа ударна политичка моќ на СДСМ ја нема, атмосферата е на максимална недоверба и припрема за пораз на избори. Втората работа е и да соберат мнозинство ние ќе гледаме втора постава на СДСМ да истрча на терен затоа што новото раководство ќе биде диктирано и тоа од ова раководство за кое граѓаните на последните избори дадоа мислење дека не ги вршат работите“, истакна Димовски.
Nагласи дека самото мешање на Зоран Заев во целиот овој процес кажува дека тој ги диктира процесите.
„Заев можеби има интерес или желба да се повлече, но очигледно е дека ќе диктира. Со втора постава на ист тим кој изгубил утакмица нема очекувања. Ни треба рестарт, нова енергија и нов концепт за управување со државата. Ова сега е трулеж, распаѓање на системот. Собранието не заседава, не носи закони, нефункционално е, а надзорна улога е мисловна именка, тоа не постои, како Собранието да не постои. Во ваков формат, бројки и менаџирање не постои, може да служи само еднаш да се соберат да речат дека имаат мнозинство, за да може владата без контрола да работи“, изјави Димовски.