Дипломатски синдикат: МНР врши притисок и малтретирање на наши колеги

Од Македонскиот Дипломатски Синдикат на Меѓународниот ден на трудот испратија соопштение во кое истакнуваат дека како вработени во МНР се обесправени, омаловажувани и шиканирани, деградирани и маргинализирани, повеќе од кога и да е, но дека се цврсто решени да се изборат за нивните права, наспроти, како што велат несфатливото авторитарно, неколегијално и непрофесионално однесување на малата група луѓе во улога на раководство на Министерството.

Оттаму додаваат дека на овој Први мај го креваат нивниот глас против катастрофалната систематизација што омаловажи и оштети голем број првокласни дипломати, волунтаристичкото покренување дисциплински постапки против сите оние што не му се допаѓаат на шефот, цементирање на кариерите на младите дипломати за сметка на помал број неискажани и исфрустрирани, целосно игнорирање на економските и социјални потреби на вработените и поделбите на “наши” и “ваши” од страна на самиот врв.

– Деновиве, за жал, раководството на МНР покрена уште три дисциплински постапки против наши колеги, членови на раководството на МДС. И покрај тоа што укажавме на неисполнување на основните законски и уставни предуслови за такво нешто, отворената хајка против дипломати од кариера не застанува, се вели во соопштението од МДС.
Од тие причини велат, поднеле барање до Уставниот суд за оспорување на одредба од Етичкиот кодекс на МНР, преку која на мала врата се врши притисок и малтретирање на наши колеги.

– Оваа година ќе ја запаметиме како најцрн период во нашата дипломатија, кој ќе нанесе долготрајни штети и непоправливи негативни последици на професионален план и на ниво на меѓучовечки односи во МНР, стои во соопштението.