Игор Пехчевски, кој е сместен на Универзитетската клиника за детски болести каде прима терапија за цистична фиброза, ја обвинува д-р Стојка Нацева Фуштиќ, која е в.д. медицински директор на детската клиника, дека му се заканила ако дава изјави за лекот „трикафта“, за него нема да има место во болницата за лекување.
Нему му е дадено отпусно писмо според кое треба да биде испишан од болницата на 18 април, а не утре, како што изјавила директорката Фуштиќ.
Дека Пехчевски ќе биде отпуштен утре потврди и самата директорка Фуштиќ нагласувајќи во соопштение дека Игор е во стабилна здравствена состојба и со умерено засегната белодробна функција. Таа смета дека со спроведување на препишаните терапии и редовна физикална терапија, може да се одржува стабилен.
„Модулаторната терапија (Kaftrio во комбинација со Kalydeco) ќе започне да ја прима кога ќе биде достапна и за пациентите со умерена белодробна болест. Во првата фаза започнавме со терапија кај пациентите со потешка белодробна болест (FEV1 околу 40% од предвидениот)“ – пишува д-р Фуштиќ во својата изјава.
Во својата објава на Фејсбук Пехчевски раскажува што ѝ претходело на ваквата изјава на директорката.
„Д-р Стојка Фуштиќ со дрзок тон и завчера и вчера дојде 2-3 пати во болничката соба и ми кажа доколку пак дојдат новинарски екипи за викендот да давам изјави за лекот Трикафта, дека за мене повеќе немало да има место во оваа болница за цистична фиброза за лекување. Докторке, оваа болница не лично Ваша за да може така дрско да се однесувате со пациентите и да давате изјави дека пациентот ќе си оди на 15.04.2023г. А имам документ со отпусна листа која е со датум 18.04.2023год. Како ќе ме погледнете во очи мене и другите пациенти за ова што ми го правите пред цела македонска јавност“, пишува Пехчевски на социјалните мрежи.
Тој додава дека има бактерија МРСА и претходно лекарите од Пулмологија му рекле дека треба да биде хоспитализиран на секои три месеци за да се искорени оваа бактерија. Тој страда и од панкреатитис поради што пие по 7 капсули дневно со секој оброк.
Пехчевски вели дека со отпусната листа му се ускратени уште цели два дена од примањето на венската терапија. Тој уште денеска ќе остане на терапија во Универзитетската клиника за детски болести, но не со лекот „трикафта“, кој што е неопходен и ефикасен за болните од цистична фиброза, туку со инфузии и некои други лекови.