Директорката на тенискиот турнир во Вухан е оптимист

Бренда Пери, директорката на ВТА женскиот тениски турнир во Вухан, кој би требало да се одржи во октомври, е убедена дека овој кинески град од кој се рашири пандемијата на коронавирусот е во моментот едно од најбезбедните места на светот и оти може да биде домаќин на турнирот.

Здравствените власти сѐ уште изведуваат масовни тестирања на коронавирусот.

Почетокот на турнирот е закажан за 19-ти октомври, но мора претходно да го одобри кинеската влада, а тенисерките ќе мора да добијат дозвола за патување. Како што пишува францускиот спортски магазин L’Equipe, Бренда Пери не е загрижена за одржувањето на турнирот.

Откако се појавија низа случаи кои навестуваа дека во градот се појавил втор бран од епидемијата во мај, во Вухан се тестирани 9,9 милиони од 11 милиони жители.

„Вухан направи извонредна работа. Во моментов без двоумење би заминала таму. Мислам дека овој град е еден од најсигурните на светот, бидејќи веројатно е најпроверениот град во светот“, вели Пери.

„Да се мине низ тоа, да се надмине сето тоа, мислам дека тоа е многу голема работа. Освен тоа, тоа е голем симбол и мислам дека претставува инспирација за сите таму“, додава Пери.

Поради финансиските загуби кои во светот на спортот ги предизвика пандемијата на коронавирусот, наградниот фонд во Вухан ќе биде намален за 32 отсто, како и на другите Премиер 5 турнирите.