Директорот на италијанскиот Институт за меѓународни односи, амбасадорот Фердинандо Нели Фероџи, денеска престојува во работна посета на Македонија, на покана на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи.
Фероџи, кој е поранешен амбасадор на Италија во Брисел и еврокомесар, во МНР ќе одржи предавање на тема „Европската унија како крстосница: Новите предизвици 60 години по потпишувањето на Римскиот договор, перспективите на Западен Балкан“.
Како што најави МНР, ќе биде потпишан и меморандум за разбирање и соработка меѓу македонскиот Институт за геостратешки истражувања и надворешна политика и италијанскиот Институт за надворешни работи од страна на директорите на институтите, Абдулкадар Мемеди и Фердинандо Нели Фероџи.
Најавено е присуство на претставници на други државни институции, Македонската академија на науки и уметностите, универзитети, како и претставници од дипломатскиот кор во Македонија.
По дискусијата, учесниците ќе имаат можност да ја посетат изложбата на тема „Уште поблиска Унија“, поставена во фоајето на МНР.