
Еден убав настан се претвори во политичко препукување и реваншизам! Наместо првото новороденче за 2022 година да донесе општа радост и да ги сокрие фрустрациите на директорот на Клиничката болница, во најлош облик го откри нечовечкото во него, коментира денеска градоначалникот на Штип, Иван Јорданов откако директорот доктор Ален Георгијев преку својата секретарка телефонски ѝ порачал Јорданов да дојде подоцна или во текот на утрешниот ден, затоа што бебето било родено само пред неколку часа.
„Иако уредно најавени, со одобрение од дежурниот доктор и родилката, со традиционални подароци за првата среќа во нашиот град за оваа година, сепак по наредба на директорот, некултурно и дрско бевме оставени пред вратата на Акушерското одделение. Односно, наместо раководните лица годинава да смислеа како да се заврши Клиничката болница, наместо да внимаваа да не се изгубат парите за неа, очигледно повеќе енергија трошат како да унесреќат уште еден недолжен сограѓанин и во најсветлите моменти за него!“, напиша Јорданов на својот профил на Фејсбук.
Бебето и мајката ќе ги добијат подароците од Општината кои биле оставени во болницата.