Директорот на Трансњефт тврди дека Русија доби барања од Полска и Германија за купување нафта за 2023 година

Директорот на руската државна нафтена компанија Трансњефт Николај Токарев изјави дека компанијата добила барања од Полска и Германија за купување нафта за 2023 година.

– Тие рекоа дека од 1 јануари нема да купуваат нафта од Русија, а сега добивме барања од полски компании за набавка на три милиони метрички тони следната година. И Германија исто така испрати барање за првиот квартал од следната година, изјави Токарев за телевизијата Русија 24.

Податоците што ги изнесе директорот на Трансњефт се во спротивност со индициите дека Полска планирала намера да се откаже од договорот за купување руска сурова нафта, коментираат светските агенции.

ЕУ претходно одлучи да престане да купува руска нафта преку поморски патишта од 5 декември, при што западните земји исто така воведоа ограничувања на цената на руската сурова нафта, но нафтоводот Дружба преку кој Полска увезуваше руска нафта беше изземен од санкциите.