![dime-spasov](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/dime-spasov-500.jpg?resize=500%2C334&ssl=1)
Дисциплински постапки и иницијативи за истите се поведени за сите стручни лица кои на билокаков начин биле вешани во инцидентот со глувонемото дете, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Ќе се ревидира и наодот за категоризација на степенот и вид на попреченост на детето.
– Случајот темелно го испитуваше социјална инспекција во рамките на МТСП, која за сето она што се потврди како недостаток или несоодветно постапување на службите презеде соодветна иницијатива за покренување дисциплински постапки на сите стручни работници кои постапувале по овој предмет, односно и за вработените во Центарот за социјални работи во Битола поради несоодветно и ненавремено постапување, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Појасни дека по овој предмет, исто така, покрената е иницијатива за дисциплинска постапка против вработените кои несоодветно се грижеле за детето во Бања Банско, а оти дополнително и во рамките на МТСП покрената е дисциплинска постапка против службите и лицата кои работеле на овој предмет.
– Дополнително исто така по препораки на социјалната инспекција формирана е комисија за ревизија на наодот и мислењето кое што е издадено од повеќе лекари специјалисти кои ја извршиле категоризацијата на детето за вид и степен на попреченост со цел да провериме дали е таа направена согласно закон и согласно процедурите, онака како што треба, истакна министерот Спасов.
Информира дека дополнително по ревизијата на наодот и Министерството ќе преземе дополнителни активности во овој случај.
– Во секој случај овој предмет ќе го следиме со целосно внимание понатаму, детално се испитува постапката. Засега овие активности се преземени по овој предмет со цел да не се повторуваат вакви случаи во иднина. Социјалната инспекција ќе направи темелна контрола во сите институции при што згрижуваат деца со пречки во развојот за да се испита нивното постапување, нивната работа и однапред навремено да се корегираат одредени околности доколку има потреба, рече министерот за труд и социјална политика.