ДКСК изрече јавна опомена на функционер заради судир на интереси

ДКСК изрече јавна опомена на функционер заради судир на интереси

Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по предмети од областа на судирот на интереси, констатира состојба на судир на интереси кај лицето Донка Марковска поради кумулација на функции, односно, именуваното лице, покрај функцијата член на Управен одбор на Јавното претпријатие за државни патишта, ја извршува и функцијата член на Надзорен одбор на АД ЕЛЕМ Скопје.

Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на констатираната состојба, Државната комисија за спречување на корупцијата во смисла на член 23 став 1 од Законот за спречување судир на интереси се обрати лично до наведеното службено лице со барање во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето доброволно да се откажи од извршување на едната од двете функции кои истовремено ги извршува.

Донка Марковска не постапи по барањето на Државната комисија, поради што во смисла на член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука на ова лице да му изрече мерка  јавна опомена.

Согласно со член 25 став 2 од Законот за спречување судир на интереси  мерката јавна опомена се објавува во средствата за јавно информирање.

Во контекст на наведеното Државната комисија за спречување на корупцијата Ви ги доставува податоците за изречената мерка ЈАВНА ОПОМЕНА на наведеното лице со цел нивно објавување во јавноста.