Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 81 седница донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови.
ДКСК до Владата ќе достави и иницијатива за утврдување одговорност на овие лица, а до УЈП за извршување надзор на сите субјекти од областа на спортот во поглед на користење на средствата преку т.н. ваучер систем во периодот од 2020, 21 и 22 година.
Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.
ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС.
Членот на ДКСК Владимир Георгиев, појасни дека во 2021 година биле анализирани постапките и активностите при спроведување и користење на средства при доделување на ваучери од Агенцијата за млади и спорт и централната комисија, како и за пропустите и непочитувањето на Законот од страна на дел од федерациите и спортските клубови при конкурирањето, нивното користење на средствата и отчетност.
Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари.
– Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер системот постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало, изјави Георгиев.
Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 21 и 22 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.
-Не гледаме дека сите препораки кои го дадовме се правилно применети, така што јасно е дека овој систем не дава соодветни резултати. Се надевам дека овие податоци ќе бидат доволна основа за законски измени кои ќе изградат праведен систем, порача Ивановска.
ДКСК, исто така, изразува загриженост и тоа што со законските измени од јануари минатата година, членовите на централната Комисија се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.