Дневен рекорд на заразените со коронавирус во Грција

Со 203 заразени со коронавирусот во еден ден Грција го достигна рекордниот број од почетокот од епидемијата во земјата, и веќе од понеделникот се очекува воведување нови рестриктивни мерки во напорите да се спречи ширењето на заразата.

Покрај рекордниот број заразени на дневно ниво, грчките здравствени власти се загрижени и поради фактот што има сѐ повеќе тешки случаи на болеста, се зголемува бројот на пациенти на респиратори, па доколку таквата тенденција продолжи може да претставува голем проблем за севкупниот здравствен систем во земјата.

Веќе шести ден со ред бројот на заразените е во пораст и достигнува меѓу 120 и 150 случаи дневно, но процентот на смртноста е понизок, па досега починале 212 лица од вкупно 5.623 зраразени.

Најзагрозени се Солун и Атина, но и Халкидики каде што во една фабрика се заразени 50 работници. Вирусот се прошири низ цела Грција и зафати 21 административна област, главно во копнениот дел од земјата а многу помалку на островите, кои се сметаат за најголема опасност.

Локален карантин, по островот Парос, се воведува и во Лариса, што значи дека сите угостителски објекти од 23 до 7 часот ќе бидат затворени, се ограничува бројот на гостите на една маса на четири лица, забранети се собири со повеќе од 9 лица, се заострува контролата за носење маски на затворени но и на отворени простори.