Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја разгледува опцијата цената на струјата во одреден период во денот да биде значително пониска од онаа што се плаќа во првиот тарифен блок, односно од 7,41 денар за киловат час.
Постојат сериозни шанси да се воведе пониска одредена цена во текот на денот. Ќе видиме на кој начин ќе биде определена. Ќе има период сигурно кога ќе има пониска цена на струја, да речеме, од онаа во првиот блок, значително пониска. Се прават анализи и во наредните две до три недели ќе имаме и конечен став, изјави за Телма, Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Според него, берзанските податоци за струјата се многу пооптимистички во однос на она што се случувало овој период минатата година. РКЕ согледа дека за прв пат по подолго време на берзите е забележана негативна дневна цена на електричната енергија.
Податоците од Хупекс берзата за првпат покажуваат пад, негативна цена во дневните часови, а тоа е најголемата референта берза за нас. Имаше негативна цена и одиме во насока да испратиме сигнал до ЕСМ како компанија која обезбедува струја за Универзалниот снабдувач, во периодот на ниска цена да ги заштитиме домашните ресурси јаглен вода. Многу е поисплатливо да обезбедиме струја од пазарот, не мора да е од увоз, може да е од домашните фитоволтаици, изјави Бислимовски.
Дневната евтина тарифа за домаќинствата поради енергетската криза и растот на цената на струјата на странските берзи, беше укината од јануари 2022 година кога зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата изнесуваше 9,48 отсто.
Доколку повторно се врати, тоа ќе значи дека, покрај стандардната ноќна евтина тарифа од 22 часот до 07 часот и целодневната евтина тарифа во недела, корисниците ќе добијат и дневна пониска тарифа во периодот од 14 часот до 16 часот, секој работен ден и во сабота.