Дневно во Србија никнуваат по 10 руски компании, најмногу од ИТ секторот

Руски компании сè повеќе никнуваат во Србија, а рускиот јазик се почесто се слуша на улиците на големите градови ширум Србија. Од почетокот на војната во Украина, околу 10.000 руски граѓани се преселиле во Србија. Најмногу работат во ИТ секторот и живеат во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац.

Во тие места се основани речиси 1.300 фирми, а се проценува дека ќе ги има се повеќе. Во исто време, Русите станаа најчести гости во хотелите во Србија – речиси два и пол пати повеќе од порано, пишува порталот Бизлајф.рс.

Во последните четири месеци во Србија секој ден никнуваат по 10 фирми во сопственост на Руси. За да избегнат санкции, големите компании најдоа засолниште во Белград.

„Овде сум од 8 март, дојдов затоа што работам во ИТ компанија и нашите клиенти од Запад ни забранија да работиме во Русија и мојата компанија ја избра Србија да го пресели својот бизнис, вели Израелецот Данил Сафрон за Бизлајф.

Тој додава дека дека Белград за него е како мешавина од Тел Авив и Санкт Петербург, со добри услови за живот. И секако не сака да се врати во Русија.

На оние кои работат за руски компании во Србија единствено што им пречи е обезбедување на документација за работа, но за тоа им помагаат специјализирани агенции.

Во периодот од 24.02. до 24.06. 2022 година е регистрирано основање на 370 компании и 906 претприемачи, чии основачи се од Руската Федерација. Првите четири доминантни дејности, кои ги регистрираа најголемиот број од овие претприемачи, се информации и комуникација, иновациски активности, едукација и други услужни дејности.

Покрај Србија, меѓу најатрактивните дестинации за деловно позиционирање на руските компании се Турција, Египет и Дубаи.