Дојави за бомби во над 70 училишта во Србија, третпат во две седмици

Дојави за поставени бомби упатени се во понеделникот на најмалку 75 училишта во Србија, третпат во последните две седмици, помалку од еден месец по масовното убиство на почетокот од мај во основното училиште во главниот град Белград.

До 9 часот утрото дојави за поставени бомби биле испратени во училишта во Белград, Чачак, Горњи Милановац, Крагуевац, Краљево, Крушевац, Нови САД, Суботица и Апатин.

Учениците од тие училишта се евакуирани, а полицијата на терен испратила противдиверзантски екипи и во тек се проверки, потврдиле од српското Министерство за внатрешни работи.

Дописникот на јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) од Крагуевац, повикувајќи се на полициски извори, извести дека проверките покажале дека дојавите во сите шест училишта во овој град биле лажни.

Ова е третпат во последните две седмици српските училишта да добијат дојави за подметнати бомби, на 17-ти мај имаше повеќе од 100 дојави само во Белград, а на 23-ти мај и во неколку училишта во Нови Сад.

На почетокот од мај во масовно пукање 13-годишен ученик во основното белградско училиште „Владислав Рибникар“ уби осум свои соученици и припадник на обезбедувањето, а рани уште наставничка и шест ученици, од кои едно девојче подоцна почина во болница.