Челникот на германската опозиција Фридрих Мерц, конзервативниот ривал на Олаф Шолц, е фаворит за нов канцелар по распадот на владејачката коалиција во Германија и ветува придвижување по прашањето на миграцијата, како и враќање кон традиционалните вредности.
Се чини дека упорноста му се исплати на Мерц: на возраст од речиси 69 години, оваа вечна надеж на конзервативците кого поранешната канцеларка Ангела Меркел долго време го држеше настрана, веќе започна предизборна кампања за предвремените избори кои се чинат неизбежни во Германија. И се надева дека изборите ќе бидат спроведени што поскоро.
Мерц во четвртокот го повика социјалдемократот Шолц, Бундестагот (парламентот) веќе следната седмица да гласа за доверба на неговата влада и да не се чека јануари, што би значело изборите да се одржат во март.
„Едноставно, не можеме да си дозволиме неколку месеци да имаме влада без мнозинство“, изјави лидерот на Христијанско-демократската унија (CDU).
Во најновиот барометар на расположението на германските избирачи на јавната телевизија ZDF, Мерц кој е главно непосакуван ветеран на политичката сцена добил 48 отсто поддршка за водење на најголемата европска економија, споредено со 37 проценти поддршка за актуелниот канцелар Шолц.
Милионер
Фридрих Мерц е пилот во слободното време и има два приватни авиона. Водството на CDU конечно го презема во јануари 2022 година, по поразот на неговата партија на парламентарните избори по двата претходно неуспешни обиди да го стори тоа во 2018 и во 2020 година.
Оттогаш работи на тоа својата партија да ја врати вдесно, по центризмот во ерата на Меркел, и настојува да го измие имиџот на човек којшто само е воден од желбата да ѝ се одмазди на поранешната канцеларка. Имено, Меркел во 2002 година го смени од важната позиција претседател на пратеничката група, поради што во 2009 година се повлече од политиката и премина во секторот на финансиите.
Како адвокат во голема деловна компанија, овој татко на три деца во брак со правничка, се здоби со влијателни позиции во големите компании, особено што о вклучува американскиот конгломерат „BlackRock“, еден од најголемите светски управители со капитал, кој се доведува во поврзаност со највлијателните во деловниот свет и политиката во САД семејни корпорации.
Милионерот, кого често го критикуваат за арогантност, познат е по честите промени на расположението и сарказмот. Меѓутоа, „Фридрих Мерц во моментов е одговорот на CDU на успехот на AfD“, оцени неодамна неделникот Die Zeit, мислејќи на подемот на крајно десната партија Алтернатива за Германија (AfD),
„По дома ништо шарено и разнолико: неговото буржоаско, традиционално и богато семејно потекло (…) и денес ѝ одговара, во голем дел од земјата, на идеалната општествена визија којашто ја споделуваат агностиците, христијаните и муслиманите“, пишува натаму Die Zeit.
„Социјален туризам“
Мерц, како што оценува во својата анализа AFP, не мисли дека во неговата влада мора да биде подеднаков бројот на мажите и жените, а во мигрантската политика го отфрла наследството на Ангела Меркел којашто во текот на големата мигрантска криза од 2015 година им ги отвори германските граници на стотици илјади Авганистанци и Сиријци. Тој ги брани системските протерувања на одбиените баратели на азил и криминалци, како и намалувањето на помошта за мигрантите.
Иако исклучува каква и да е коалиција во владата со АfD, Фридрих Мерц не се стеснува да ја користи истата реторика како и крајната десница. По нападите од страна на групи млади луѓе врз службите за итна помош на крајот од 2022 година во Берлин, Мерц напаѓачите ги опиша како „мали паши“ од „арапскиот простор“ кои „во Германија всушност нема што да права“.
Мерц украинските бегалци кои се засолнуваат од руската инвазија ги критикуваше дека практикуваат „социјален туризам“, чијашто цел е исклучиво искористувањето на германските социјални издвојувања. Но подоцна се извини за таквата забелешка. Сепак, тој е еден од водечките приврзаници на зголемувањето на воената помош на Германија за Украина..
Во економската сфера, Мерц се зазема за либералната позиција, поблиска до партијата на Слободните демократи (FDP), која излезе од коалицијата со социјалдемократите на Шолц по смената на нејзиниот министер за финансии. Тој, особено, со либералдемократите ја споделува приврзаноста кон контроверзната таканаречена „должничка кочница“, механизам кој ги ограничува новите задолжувања, но и инвестициските капацитети на земјата.
Фридрих Мерц беше пратеник во Европскиот парламент во мандатот од 1989 до 1994 година, и се претставува како „убеден Европеец“ и жесток бранител на германско-францускиот мотор“ во 27-члениот блок.