Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за „Фокус“ беше запрашан како се случи до тој степен да ескалираат односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Политичкото подземје лиферува многу теории на заговори и така се обидува да ја замагли вистинската слика, а таа е дека ова ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против секој обид за криминал и корупција. До нас стигнаа многу информации за многу сомнежи за сторен криминал на ДУИ и функционери на ДУИ и ние сме должни тоа да го објавиме и да се бориме против тоа“, одговори Мицкоски.
Тој посочи дека еден ден, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги води институциите, ќе го истражат сето ова, кое во голема мера е поткрепено со докази, и врз основа на тие докази тие лица кои тоа го направиле да бидат изведени пред правдата. И оние теории на заговори.
На прашањето дали сега работата е отидена предалеку и може да се најде во проблем ако мора да прави влада со ДУИ, ако само со нив може да стигне до мнозинство, како што СДСМ се најде после последните избори, Мицкоски одговори – „Граѓаните одлучуваат каква ќе биде идната влада, но нашата желба е ДУИ после 20 години да помине 4 години во опозиција, за да може да се реформира, реструктуира, да се освежи кадровски, за да може после 4 години да настапи на избори“.
Додека пак на прашањето дали верува дека албанската опозиција има капацитет да го порази ДУИ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски нагласи – „Цениме дека обединета опозиција кај албанските политички партии има голем капацитет да ја победи ДУИ. Дали тоа ќе се случи не знам. Но за жал, после оваа изјава тие ќе бидат предмет на кампања од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ застанува до нив, зборува позитивно за нив, а не за ДУИ, и тоа може да биде прогласено за антиалбаски гест. Но, ова е антикриминален гест, ништо повеќе“.