Нето добивката на рускиот производител на природен гас „Газпром“ е повеќе од пет пати зголемена во второто тримесечје од оваа година, благодарејќи како на зголемените цени на енергансите, така и на повторното зголемување на испораките за потрошувачите во Европа и Турција.
„Газпром“ вториот квартал го заклучил со нето добивка од 259 милијарди рубли, или 3,26 милијарди евра, што е повеќе од пет пати откаколку што забележале во истиот период минатата година. Вкупните приходи скокале за 31,6 отсто, на 1.830 милијарди рубли.
Од „Газпром“ наведуваат и дека во првите два квартала од годината во Европската унија и Турција испорачале за повеќе од 101 милијарди кубни метри природен гас, што е шест отсто повеќе од истиот лански период, истакнувајќи дека тоа одговара на удел во европскиот пазар од 34 отсто.
„Трета година по ред забележуваме исклучително висока побарувачка на гасот од ’Газпром’ во европските земји. Според оперативните податоци, во периодот јануари – август 2018 годна во земјите на Европа и во Турција сме испорачале 133,3 милијарди кубни метри гас. Тоа е зголемување за 5,6 отсто, или 7 милијарди кубни метри во споредба со истиот период минатата година“, изјави во четвртокот челникот на рускиот енергетски гигант, Алексеј Милер.
Претходно беше проценето дека извозот на руски гас во Европа во 2018 година може да достигне рекордни 200 милијарди кубни метри. Главните фактори за растот на побарувачката, оценува Милер, е зголемувањето на економските активности во европските земји и забележаниот последните години долгорочен тренд на намалувње на европското производство на природен гас.
Неодамна беше објавено дека минатата 2017 година „Газпром“ го зголемил извозот на гас во Европа за 8,4 отсто, за 194,4 милијарди кубни метри. Како резултат на тоа, лани „Газпром“ го зголемил производството на гас за 12,4 отсто во споредба со претходната 2016 година, до 471 милијарди кубни метри гас. Во 2018 година холдингот очекува раст од 1 процентен поен во произвостовто, до 476 милијарди кубни метри, но не ја исклучуват можноста за ревизија на планот за производство со зголемување на показателит.