За да се случи голема промена, треба да има подготовка, колку поголема промената, толку поголема подготовката. За војната меѓу републиките во бивша Југославија, тие подготовки траеа долго и ни беа пред очите, само никој не можеше тоа да го види. Истото и за Македонија важи.
Ај уште поназад.
Кога започна најголемото идеолошко движење против војната и пред се против потрошувачкото општество, првично „битничкото“ во почетокот на 60-те на 20. век, кое прерасна во оргомно масовно „хипи“ движење, кое пропагираше, вера во Христа, здрав живот, љубов, став против војната и пред се против конзумеризмот, за да се разбие тоа моќно движење, базирано на христијанските вредности и постулати се подметнаа, од страна на специјалните служби, девијации во движењето, кое беше отворено за се, со ЛСД, сексуалнo експериментирање, перверзија и боготражителите кои заговараа „стоп за војната“ станаа жигосани како обични перверзњаци кои не знаат што со себе, забегани во страстите и на крај – изгубена генерација. Движењето разбиено, а војната во Виетнам си истурка до 1972, но движењето освен рок-ѕвезди не доби осветен лик како предводник на едно време кое бараше изгубени вредности – Христос, љубов, соборност … ужас за секоја режим, фашистички, комунистички или слични деривати.
Во 80-те кога беше јасно дека СССР ќе се распадне, мини-унијата на Балканот пред да се растури мораше нивото на општата популација да се спушти. Зошто? Затоа што луѓе кои гледаат филмови од Тарковски, читаат Достоевски, слушаат модерна и прогресивна музика и се занимаваат со поп култура, не се маса која можеш да ја манипулираш, а уште повеќе да ја натераш во радикални движења, а најмалку војна. Како го спуштија нивото? За механизмите не знам, тоа се методи на специјална војна чии постулати се поставени од Фројд, а спроеведувани од неговата ќерка која блиску соработуваше со ЦИА, а истите методи преточувани и преку железната граница и применувани во порадикални методи. Тезата е дека подсвесно можеш да влијаеш на човек, најмногу на неговите ниски страсти. Не дека Фројдови беа со малициозна мисла за започнување тоталитаризам врз нивните сознанија, туку најчесто маркетинг агенциите се подучуваа како да комуницираат со пошироката публика и ја принудуваат под привид на слободна воља да направи насочени одлуки – купување одреден производ.
Зар мислите дека ЦИА и КГБ немаше тоа да го искористат?
Во Југославија, не се служеа со дрога и перверзија, сето тоа го имаше во едно и на наједноставен начин се најде заедничкиот именител на балканските народи – турбо фолкот. Рамбо Амадеус прв го детектираше ова уште на крајот на 80-те, ама маса каква бевме без искуство не можевме да согледаме консеквенците на она што се случуваше. Цели генерации израснати на светска музика и филм со децении кои природно и органски шундот го отфрлаа, одеднаш стана меинстрим. Лепа Лукиќ беше случајност и едвај пушти корен затоа што покрај сите услиби, Дугме, Чола Смак, Леб и Сол беа носителите на општата култура. Преку ноќ се појавува Брена, а за пар години се накотија милијарда клонови, окоти и мињони кои повикуваа на алкохол, бедни страсти и лунпен патриотизам.
Денес, квази-музиката е мејнстрим. Турбото денес и кај нај-ин фаци – уредници на најјаките медиуми, од некакви генетски наследни страсти ги темелат своите симпатии дека се анти-западни-анти-глобалисти – БУЛШИТ!
Па, ние три генерации растевме со Битлси, Флојд, Цепелин и Парпл, па никој од нас не помисли на предаство, самоуништување, војна, дегенерација, перверзија и деструкција за себе и за соседот, а камо ли на својата нација. Немаше лик од моите генерации кои не гледале Кјубрик, читале Кероак, Фром , Хесе … неверојатно колку масовно беше интелектулата, колку Ин беше да си филозоф, да мислиш, да бидеш креативен.
Затоа тврдам, дека турбо фолкот беше едно од најсилните оружја да се насочи една маса на народи на страсти кои побудуваат претерани емоции во секој поглед. Препивање во кафана со некоја трофртаљка која ќе викне „не ја даваме“, и следуваат вадење пиштоли и рафали да се упука Господ лично да не ни го види срамот. Војната бидна, епитафот на таа беда е и ден денес ни се разни курвештии кои сега се анти-глобалисти. Не е еден, но бедно и тоа од доктор по науки за новинарство кој ќе рече – “народот тоа го сака”. Го научија народот да делува анимално, а не интелектулано, лоботомија на фронталниот кортекс и остануваа само инстикти за агресија.
Нејсе. Кај сме ние?
Кај нас се спушти нивото на политичките мејнстрим партии, особено лидерите. Прв беше Бранко, чиј курназлак „запали“ се’ и сешто. Секој дури и малку пообразуван новинар падна на финти, виски, пи*ки, пари, кој те е*е, ич уво не ми чуе … Кoга увидоа дека со такво курназење дека се стигнува и до претседател на држава, секоја општествена шуша, новинар, аналитичар, политичар… аргонацијата ја наметна како карактерна и професинална особина. А, ние, ние се палиме само на маалска дрскост, курназлак, ЛЕЛЕ КАКО МУ ГО СПОПИКА… нам Мелсон Мандела да ни дојде, Мартин Лутер Кинг, Черчил, Линколн, никој од нив нема да помине, но дајте ни некој како маалски курназ кој нема да бира вулгарности – е тоа е за нас јак политичар/новинар/јавна личност, со карактер.
За миг помисливме дека менаџер, она што реално ни треба, може да биде новиот мејнстрим, но стана главен виновник за се. Заборавивме на колективната приватизација. Генерации ќе минат убедени дека секој што сака да менаџира, гради, прави, средува, ќе биде карактеризиран како „лопов“ и бедник. Вулгарноста, плукањето и арогнацијата на медиуми и социјални мрежи во стилот на „аналитико“ е она што денес се смета успешно и демократски. Вакви беди од квази-новинари има од двете страни – ќе ги препознаете по нивните „патриотски“ или „демократски“ повици, а удбашките служби со кои соработуваат и кои има даваат матерјал со кој они се наметнуваат како добро информирани, се едни исти – иако спротивни – работат за ист субверзивен поздемен удбашки центар и секој со своето лудило.
Македонија има политичари и новинари кои се слика и огледало на она што сме ние. Дали некој друг, способен за рационалност, бизнис, економија, менаџирање, смирен и продуховен, кој пред со дела ќе успее да се наметне, ќе видиме, затоа што сега се само наивачки страсти, колку и да биде добро или лошо, навиваш слепо за својот клуб и ништо друго не е важно.
Ние денес сме во класичен шпагети-вестерн, каде бираме меѓу „добриот“ и „лошиот“, ама ние сме „грдите“.
* Режија Серџо Леоне
* Музика Енио Мориконе
Автор: Јанко Илковски