Писателот и преведувач Драги Михајловски, писателот и новинар Ристо Лазаров, актерот Петре Арсовски и хирургот-уролог Александар Ставридис се добитници на државната награда „11 Октомври“ за 2018 година.
Оваа награда ја добија за животно дело во областа на културата и уметноста, а Ставридис ја доби оваа награда за животно дело во областа на здравството.
Одлуката ја донесе Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“, која е највисоко признание за животно дело. На добитниците наградата „11 Октомври“ им ја врачи претседателот на Одборот, Драги Ѓорѓиев.
Делата на добитниците на ова високо признание покажуваат и потврдуваат дека македонското општество има личен, институционален и цивилизациски капацитет и визија да ја гради својата иднина, препознавајќи ги вистинските квалитети. Денес имаме чест да ја потврдиме и наградиме креативноста, оргиналноста и истрајноста на четири творечки умови, чија посветеност и професионални резултати го зацврстуваат нашиот прогрес, општествена хармонија и цивилизациски вреднувања, рече Ѓорѓиев.
Во име на добитниците на годинашната награда „11 Октомври“ се обрати Лазаров, кој се заблагодари и рече дека „високото признание го сфаќа како следбеничко чекорење по славните врвици на големите татковци на современото македонско општество, тие што во мракот го пробија патот до светлината, тие што од искушенијата правеа решенија“.