Претседателот Стево Пендаровски вечер ќе се обрати на свечената церемонија на доделување на Наградата за младинско учество, што по повод Меѓународниот ден на младите ќе се одржи во Кабинетот на претседателот.
Наградата за младинско учество ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија, во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку тројца членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Наградата има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, годинашни носители на наградата се актерката Изабела Јакимова, во индивидуална категорија, неформалната група на млади „Младите на Една може“ (One Can Youth), во категоријата на неформални групи на млади и здружението „Гоу Грин“ (Go Green), во категоријата на младински организации, организации за млади и младински чадор организации.
Наградата во трите категории ќе ја врачат Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт и Марија Крстевска, претседателка на Национален младински совет на Македонија.