Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на БиХ, во интервју за британскиот весник „Гардијан“ изјави дека нема да попушти пред заканите од западни санкции, а пред својата неодамнешната средба со рускиот претседател Владимир Путин рече дека Путин никогаш не го изневерил, пишува Новости.
Додик рече дека санкциите и намалувањето на финансирањето на ЕУ само ќе го принудат да прифати понуди за инвестиции од Кина.
– Дури мислам дека (тоа) ми се допаѓа – рекол Додик.
Тој најави дека наскоро ќе се види со рускиот лидер.
– Кога одам кај Путин, (тој) нема никакви барања. Само ми вели: „Што можам да направам за да помогнам?“ За што и да разговарав со него, никогаш не бев измамен. Не знам на што друго да ја засновам довербата, ако не на тоа. Во разговор со кинескиот лидер Си Џинпинг, тој исто така ќе рече: „Ако има нешто со што можам да помогнам, јас сум тука“ – вели Додик.
Има четворица странци кои не се избрани од народот
Тој нагласи дека неговите планови не значат кршење на БиХ и дека сè уште верува во Дејтонскиот мировен договор, но дека договорот е узурпиран од „неизбран странски фактор“ кој наметнал околу 140 закони преку функцијата висок претставник во БиХ, без демократски мандат.
– Сите неволји овде ги направија четворица неизбрани (нелегитимни) странци. Високи претставници и тројца судии (назначени од Европскиот суд за човекови права), странци, кои се во Уставниот суд. Тие дејствуваат како координиран злосторнички потфат против уставниот поредок – рече Додик.
Додик не се плаши од економски санкции
Додик исто така рече дека нема да попушти на навестувањето на Германија за воведување финансиски санкции против него, како и на критиките на Лондон, Вашингтон и Брисел.
– Се разбира, не сум рамнодушен, но не ме избраа да бидам кукавица – рекол тој за „Гардијан“ во неговата канцеларија во Бања Лука.
Или ќе се преполови армијата на БиХ, или Република Српска ќе има своја армија?
Плановите за враќање на надлежностите на Република Српска во неколку области ќе бидат на дневен ред на седницата на парламентот на РС на 10-ти декември, а Додик ја истакна својата решеност да ги спроведе по уште една нова рунда шестмесечни преговори.
Тој рече дека ќе предложи да се намали сегашната национална армија на БиХ за половина.
– Доколку вие не го сакате тоа, нема да ни остане ништо друго освен да донесеме, во согласност со Уставот на БиХ, формирање на Армијата на Република Српска, или да ја прогласиме Република Српска за демилитаризирана република – изјави Додик за „Гардијан“.