Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, продолжи да му пркоси на Западот, тврдејќи дека ентитетите имаат право да се отцепат од државата, во случајот Босна и Херцеговина, спротивно на тврдењата на високиот претставник и Советот за спроведување на мирот, кои се состанаа во Сараево во четврток.
Советот за имплементација на мирот (PIC), телото кое ја води работата на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, кој го сочинуваат претставници на водечките западни земји и Турција, која таму ја претставува Организацијата за исламска соработка (OIC), вчера објави дека „нема да толерира никакви потези кои би довеле до отцепување“ на Република Српска од Босна и Херцеговина.
Шмит ова го кажа директно на прес-конференцијата по седницата, потврдувајќи дека Советот за спроведување на мирот му дал зелено светло за разрешување на претставници на БиХ.
Меѓутоа, Додик го тврди спротивното поввикувајќи се на мировниот договор од Дејтон од 1995 година со кој беше прекината војната во БиХ.
„Тоа е само нивен необврзувачки однос, со цел да нѐ исплашат. Се разбира, ентитетите можат да се раздружат и да продолжат да живеат одделно како држави“, изјави Додик за медиумите во Бања Лука. Додаде и дека не го признава Советот за спроведување на мирот, бидејќи тоа тело не постои според Дејтонскиот мировен договор.
Додик членовите на PIC ги нарече „социјалисти без смисла и основа, со искривени цели и самоуништувачки акции“.
Повторно го оспори и кредибилитетот на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, со тврдењет дека тој не е избран на таа позиција како неговите претходници во Советот за безбедност на ОН, а за што Додик има поддршка и од Русија и Кина како постојани членки на споменатото тело на светската организација.