По речиси двесет години, постигнат е договор меѓу „Макпетрол“ да го продаде на Владата својот удел во гасоводот, со што тој целосно ќе премине во државна сопственост. Владата веќе има резервирани пари од капиталните инвестиции за годинава да ги вложи во докуп на делот на Макпетрол во ГА-МА. Од Макпетрол пак очекуваат за брзо да се потпише и Спогодбата со која конечно вондсудски ќе се реши спорот.
Со целосна поддршка од Енергетската Заедница е постигната согласност меѓу Макпетрол и Владата на Република Северна Македонија да се склучи Спогодба со која вонсудски ќе се завршат судските спорови во врска со ГА-МА , по што согласно пазарна цена утврдена со проценка од овластени проценители „Макпетрол“ ќе го продаде својот дел од сопственоста во ГА-МА на Владата. Во периодот што следи Макпетрол и Владата ќе треба да донесат соодветни правни акти за официјално потпишување на Спогодбата. Енергетската заедница се обврза да ја следи имплементацијата на вонсудската спогодба и да ја дава потребната поддршка се до конечно завршување на целата постапка, соопштија од Макептрол.
„Макпетол“ и ГА-МА од 2005 година водеа судски спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот. Спорот во суштина се водеше за правото на мнозинска сопственост врз акциите во гасоводот за што двете страни тврдеа дека се сопственици на мнозински пакет односно 51 отсто од акциите на компанијата. Откако пробемот со години се влечеше низ судските лавиринти, без разрешница неодамна се побара медијација од Центарот за решавање на спрови на Енергетската заедница за конечно регулирање на сопственичките односи, што е согласно Законот за енергетика и Третиот енергетски пакет.
И премиерот Заев најави дека очекува брза разрешница на дводеценискиот спор за гасоводот, за најдоцна до крајот на годината да се случи припојувањето на „ГА-МА“ кон Македонски енергетски ресурси, со што треба да се забрза процесот за гасификација во земјава.