По успешно постигнатиот договор за ставање крај на политичката криза во Република Македонија, главните посредници од Европската унија меѓу македонските политички партии, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и европратениците Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, утринава излегоа со заедничка изјава што писмено ја лиферуваше Европската комисија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан, Кукан, Ховит и Вајгл во својата реакција ја поздравија посветеноста на договорот од страна на четирите главни политички партии во Македонија, по, според нив, конструктивните преговори во Скопје на 14-ти и 15-ти јули.
– Овој договор се базира на договорот од 2-ри јуни и вклучува враќање во парламентот на СДСМ, организација на нова Влада што ќе ги подготвува изборите што ќе се одржат на 24 април 2016 година и за назначување на Специјален обвинител што ќе ги испита проблемите поврзани или кои произлегуваат од следењето на комуникациите. По неколкумесечен олеснуван дијалог, ние ја поздравуваме силната посветеност на политичките лидери за евро-атланската интеграција и европската перспектива. Ова е важен чекор во надминувањето на актуелната криза и кон решавање на клучните предизвици со кои се соочува земјата, порачува европската четворка.
Во нивната заедничка изјава, комесарот Хан и европратениците Кукан, Ховит и Вајгл, исто така побараа „политичките лидери во земјата сега мора брзо да го спроведат договорот во добра волја”.
– Ние сме подготвени да работиме со сите страни за да се обезбеди целосно спроведување на сите аспекти на овие обврски, вклучувајќи ги и препораките на Еврокомисијата за итна реформа на системски прашања од владеењето на правото. Европската комисија и Европскиот парламент ќе го следат внимателно спроведувањето на овој договор во наредните месеци. Ќе се разговара за напредокот, меѓу другото и на состанокот за Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) за што ќе се одржи во септември, со учество на сите партии-потписнички, како и на граѓанското општество – се вели на крајот во заедничката изјава на Хан, Кукан, Ховит и Вајгл.
Во продолжение на писмената изјава, Европската комисија го објави Протоколот од потпишаниот договор меѓу Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети, во кој посебно се потенцира точка 7, според која „партиите, исто така, се обврзуваат да избегнуваат какви–било нови пречки, вклучително и во однос на одржувањето на изборите на 24 април 2016 година.”