Докторите по општа медицина минатата недела регистрирале над 40 000 случаи на заразени со коронавирус во Франција

23

Најмалку 40.000 нови случаи со Ковид-19 беа дијагностицирани од докторите по општа медицина минатата недела во Франција, јави дописникот на МИА.

Процените на Јавно здравје на Франција се скоро двојно повисоки од официјалните бројки, бидејќи како позитивни со Ковид-19 беа тестирани само 25.000 лица од почетокот на кризата.

-Проценето е дека 41.836 нови случаи на Ковид-19 консултирале доктор по општа медицина меѓу 16 и 22 март, соопшти здравствената агенција, која појаснува дека оваа бројка не може да се споредува со минатите седмици, бидејќи следењето беше воспоставено само на 17 март.

Инаку, бројот на починатите во Франција од Ковид-19 порасна за 231 нов случај во последните 24 часа, притоа 2827 лица се наоѓаат на интензивна нега.

Во Франција во моментов има 25 233 случаи на заразени со коронавирусот, потврдени со тестови, од нив 11 539 лица се на болничко лекување, а од почетокот на епидемијата излечени се 3900 лица.

На редовниот брифинг за ситуацијата во Франција, Генералниот директор за здравство Жером Саломон, соопшти дека во болница од Ковид-19 починале вкупно 1331 лица. Од нив 86 отсто се на возраст од над 70 години. Една третина од лицата кои се на интензивна нега се помлади од 60 години, додека 59 отсто се на возраст од 60 до 80 години.

Во наредните денови владата ќе соопшти до кога ќе важат мерките за забрана за движење

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.