Службени документи за подморница на британската Кралска воена морнарица чија вредност се проценува на околу 1,47 милијарди евра, наводно со најдени во тоалет на паб, објави во саботата германската службена новинска агенција dpa повикувајќи се на медиумите.
Британскиот таблоид The Sun објави дека документите со детали за подморницата „HMS Anson“ биле оставени во локалот „ The Furness Railway“ во северозападната англиска грофовија Камбрија.
Документите ги прикажувале механизмите за дејствување на подморницата, а ги користеле членовите на екипажот за да научат, на пример, како да го намалат притисокот во делови од нејзиниот систем.
Од британската Кралска воена морнарица одговориле дека станува збор за воопштена документација којашто не содржела доверливи податоци.
Соговорникот на The Sun рекол дека угостителскиот објект бил преполн со гости кога документите, означени како „деловно чувствителни“, биле пронајдени на под во тоалетна кабина. Се додава дека пабот „ The Furness Railway“ се наоѓа недалеку од бродоградилиштето „ BAE Systems“ во градот Бароу-он-Фарнес, каде подморницата била претходно изградена.
Подморницата „HMS Anson“ е петтата јуришна подморница од новата класа „Astute“ на британската Кралска воена морнарица. Пловилата од оваа класа се способни да лансираат крстосувачки наведуван ракети „Тomahawk“ а на отворените извори на британската морнарица е опишана како „најголеми, најнапредни и најсилни јуришни подморници“ кои некогаш ги користела морнарицата.
Извор од британската морнарица рекол дека документите содржеле само поедноставен нацрт на системот, но не и појаснување за неговото функционирање.
„Ова се вообичаени документи за вежба кои не содржат доверливи информации. Меѓутоа, ние сите безбедносни прашања ги сфаќаме крајно сериозно и ќе ги истражиме околностите за нивното наоѓање“, рекол портпаролот на британската морнарица.